
Петровска кон Николоски: Дали спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, во рамките на седницата на Парламентот посветена на пратенички прашања, до министерот за транспорт Александар Николоски упати прашање дали наредил или спровел надзор во врска со законитоста на работењето на општина Чаир во областа на урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домувањето.
Препорачано
„На интернет страницата на Министерството, е објавен документ насловен како Нацрт Стратешкиплан 2025-2027. (…) Во истиот тој документ е наведено дека, во рамките на министерствотопостои еден сектор за управно – надзорни работи, кој ги врши работите кои се однесуваат на решавање по жалби и поднесоци на физички и правни лица од областа на изведувањето наградби, утврдувањето правен статус на бесправно изградените објекти, градежното земјиште и така натаму, како и врши надзор над законитоста на работата на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје при остварување на нивните надлежности, кои се наброени“, рече Петровска.
Таа се осврна и на објавите на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за кој рече дека презентира обвинувања за епски криминал, кои не се поврзани само со економски криминал, туку веќе имаат и елементи на загрозување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и тие, во најголемиот дел, се однесуваат на незаконски постапувања од градоначалникот на општина Чаир.
„И бидејќи во ушите ни одѕвонува она: и брат да ми е, ќе одговара и нема веќе од партија се јавија и итн, ве прашувам, дали се помрднавте малку во врска со овие обвинувања? Или не Ви е брат, ама коалиционен партнер ви е. Дали проверивте што се случува во таа општина. Дали ја спроведивте вашата законска должност, надлежност за надзор, она за што сте платен од граѓаните? Она што го претходно прочитав, а го цитирав исклучиво од документот што го споменав се однесува на ваши ветувања, ваши писмени изјави, обраќања во кој самиот кажувате дека детално ќе ја утврдите актуелната состојба и ќе известите за реализираните активности во изминатиот период. И затоа моето директно прашање до Вас е: Дали наредивте или спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир, во врска со урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домување“, праша Петровска на денешната седница.