
Петровска ќе се жали за дискриминација: Намерата апсолутно беше да добијам навреда
Пратеничката на СДСМ и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, вечерва во „24 анализа“ рече дека денешното обраќање на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска имало намера да ја потцени и дискриминира. Таа најави и дека ќе поднесе преставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Препорачано
Одговарајќи на прашање на Петровска, министерката Димитриеска Кочоска рече дека пратеничката нема право да зборува за месечните трошоци на четиричлено семејство, затоа што нема деца.
„За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши?“, рече Димитриеска-Кочоска.
Ова наиде на широка осуда од СДСМ, но и од други партии од опозицијата и граѓански организации.
„Јас излегов на говорница и кажав дека поставив прашање на кое не добив одговор, а не е мое ниво да коментирам ваков тип на навреди и дискриминација. Јас не ја примив навредата. Дали беше намерата да добијам навреда дека немам деца и семејство? Беше, апсолутно да. На што алудираше одговорот, на потценување и обид да ме дискриминира затоа што јас немам деца. Мое лично прашање е тоа дали сум сама, дали имам деца. Тое е мое и на судбината. Ќе поднесам претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Она што се случи денес не е за Славјанка – треба да се стави стоп на ваквото однесување на власта. Ако денес зборуваме за парламентарна демократија, секој треба да си го знае местото. Многу жени кои не можат да имаат деца се препознаа во тоа“, рече Петровска.
Таа зборуваше и за тоа дека на денешните пратенички прашања не добила одговор на прашањето за Законот за намалување на патни трошоци.
„Јас поставив прашање кое сметам дека е клучно. Моето прашање, на кое не добив одговор, се однесуваше на патните трошоци на пратениците, зошто не го поддржаа Законот за намалување на патни трошоци. Ако ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањата треба да ми ги формулираат тие, тогаш се грешка, мое демократско право е како ќе го поставам прашањето. Извадете еден збор со кој ја навредив министерката. Ова нејзино однесување не е прво. Имало слични и пострашни настапи“, додаде Петровска.