Маврово / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Повеќе од 15 граѓански организации бараат Маврово повторно да биде прогласено за Национален парк

Над 15 граѓански организации и иницијативи заедно поднесоа формална претставка до Владата, барајќи итна акција за репрогласување и заштита на Националниот парк Маврово во согласност со законските одредби.

Претставката, упатена до премиерот Христијан Мицкоски, истакнува значителни прекршувања на Законот за заштита на природата што како резултат го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.

Организациите изразуваат длабока загриженост поради долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк Маврово според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Тие тврдат дека сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој.

Претставката, меѓу другото, наведува неколку клучни прашања:

Законот за репрогласување на НП Маврово не е донесен.
Не е донесен План за управување со НП Маврово.
Пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани.
Приближно 80% од финансирањето на Јавната установа Национален парк Маврово доаѓа од сеча, неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје.
Забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот.
Организациите нагласуваат дека потенцијалните донатори се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување. Отсуството на таков план спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите, загрозувајќи го еден од најстарите паркови во Европа.

Во претставката, исто така, се наведува дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк Маврово, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.

Организациите ја повикуваат Владата да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, организирање јавна расправа за Законот и негово усвојување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот