Тито Петковски / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Петковски: Собранието да се самораспушти, во најтешкиот момент ги напушти граѓаните

Пратениците признаваат дека ако се состанат, ќе се караат и со тоа покажуваат неспособност, покажуваат дури и примитивизам. Тоа е невиден автогол, самопризнание дека не се способни меѓусебе да комуницираат, вели Петковски за „Слободен печат“

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во разговор за „Слободен печат“ жестоко го критикува неработењето на Парламентот по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани кадешто животот го загубија 59 млади. Тој порача дека најдобро е Собранието да се самораспушти зашто во најтешките моменти пратениците ги напуштиле граѓаните. Петковски вели дека ако тој сега би бил претседател на Собранието би закажал најмалку две комисии на кои пратениците би расправале зошто се случи трагедијата во Кочани, каде погрешивме и да се понудат можни решенија.

– Непријатно сум изненаден од тоа што се случува во Собранието, малку и револтиран бидејќи Собранието според Уставот е централната институција на нашиот политички ситем. Таму се одвиваат сите политички битки, се нудат програми, проекти и различни мислења за дадена ситуација. Собранието е во постојано заседание, а тоа не значи дека е во постојано неработење, односно тоа значи дека постојано треба да е ангажирано. Пратениците земаат плата и единствена работа им е да присуствуваат на седници и на комисиии и да нудат решенија, закони и одлуки во интерес на граѓаните. Во овој случај Собранието ги напушти граѓаните, не е претставник на граѓаните. Граѓаните не мислат дека Собранието не треба да работи – вели Петковски.

Тој додава дека младите постојано праќаат пораки дека работите треба да се менуваат и тоа брзо, бараат ресетирање на системот, бараат начин како да се бориме против криминал, корупција, злоупотреба на функции, а Собранието решило да не работи.

– Недозволиво е такво индеферентно и неодговорно однесување на Собранието и не можам да разберам дека сите пратенички групи се согласиле да не работат, освен Левица која поставила услов. На власта ѝ одговара да не се бранува во државата после една ваква катастрофа и трагедија што го снајде не само Кочани туку целата држава. Собранието мора да нуди решение како да се излезе од оваа ситуација. Тоа е трагично признание за неспособноста и нефункционалноста на Собранието. Тоа е само легитимација на пратениците дека не се способни како одговорни луѓе и претставници на граѓаните да седнат и да водат одговорна битка како да се излезе од оваа ситуација. Тие признаваат дека ако се состанат, ќе се караат и со тоа покажуваат неспосбност, покажуваат дури и примитивизам. Тоа е невиден автогол, самопризнание дека не се способни меѓусебе да комуницираат – вели Петковски.

Според експретседателот на Собранието, пратениците покажуваат дека не се претставници на граѓаните бидејќи ги штитат само политичките интереси на партијата. Според Петковски, пристојна парламентарна демократија имаше само во првиот состав на Парламентот во време на техничката влада и во Собранието тогаш имало вистински претставници на граѓаните избрани на непосреди избори со мнозински модел којшто давал шанса само на луѓето кои имаат професионален, политички беграунд, препознатливи во својата средина, луѓе кои се борат за луѓето.

– Ако сакаме да се ресетира системот треба партиите да се согласат дека клучен во моментов е изборниот модел кој рефлектира ваква состојба во општеството, кусогледост и неодговорност на партиите зашто пратениците коишто сега ги избираат раководствата на партиите не ги претставуваат граѓаните туку партиите, а исходот е да се заштити партијата. Собранието треба веднаш да се распушти ако има одговорни луѓе во државата. Интелектуалци, млади, бизнисмени, невладини треба да извршат притисок зашто ова ни кажува дека Собранието не е народно Собрание, туку се случајни луѓе кои се нашле на списокот на лидерите на партиите и во Собранието ги претставуваат партиите, не граѓаните. Ако јас имам можност да одлучувам во моментов, сметам дека на Македонија ѝ одговара распуштање на Собранието и формирање техничка влада која ќе го смени изборниот модел и да се оди на избори со луѓе кои ќе имаат кредибилитет и поддршка – вели Петковски.

Тој додава дека наместо двонеделен одмор, Собранието мораше да заседава постојано, комисиите да бараат решенија и да се утврдат причините за тоа што ни се случува. Дека одговорни политичари мора да гледаат подалеку од хоризонтот, треба да ја антиципираат иднината и сите можни закани по безбедноста на земјата, да одат во пресрет на сите можни закани, да ги елиминираат, да ги превенираат.

– Тоа не може да се направи молчејќи, туку само со отворена дебата во комисиите. Јас како претседател ќе закажев барем две комисиски расправи – зошто ни се случува ова, каде погрешивме. Претседателот на Собранието што ќе прави? Тој е обичен пион во рака на владејачката партија и ќе го направи тоа што ќе му кажат. Мене ме чуди односот на опозицијата. Има луѓе кои по сите основи треба да излезат пред граѓаните и да кажат отворено зошто не ги застапуваат нивните интереси – вели Петковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот