
Петковски: И магаре да ставите на ливче, гласачот ќе гледа која партија стои зад него
За жал, гласачите не ги интересира кој е кандидатот за градоначалник и чие име стои во советничката листа, туку ги интересира која политичка партија стои зад тие имиња, изјави поранешниот претседател на Собраието, Тито Петковски.
„Политичка неписменост и политичка некултура“. Вака поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во разговор за „Слободен печат“ го коментира досегашниот тек на кампањата за локалните избори во која, сосема неприродно, главниот збор го имаат лидерите на политичките партии наместо кандидатите за градоначалници.
Препорачано
– Очигледно ништо не се променило од првите локални избори што се одржаа во Македонија. Сè е политика. И тоа најдиректно допира до ушите и до срцата на гласачите. Етничкиот дискурс и надворешната политика постојано се користат иако немаат апсолутно никаква допирна точка со локалните избори. Ни се случува наметнување на извршната власт врз парламентарната власт, односно врз законодавната. Има тотална потценетост на општините, односно нивна целосна релативизација. Дали се сеќавате на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот Панче Тошковски веднаш по страшната трагедија во Кочани? По сите обвинувања кои беа упатени на адреса на Владата, тие рекоа дека власта ќе ја докаже поддршката од народот на претстојните локални избори. Дури и тогаш двајцата политичари се однесуваа како да се кандидати за градоначалници – ни изјави Петковски.
Тој вели дека големите политички партии многу добро знаат дека народот гласа за политички субјект, а не за конкретно име и презиме.
– И магаре да ставите на изборното ливче, гласачите ќе се обидат да утврдат од која политичка партија е тоа магаре и на крајот ќе му дадат глас. Ете така функционираат работите кај нас. За жал, гласачите не ги интересира кој е кандидатот за градоначалник и чие име стои во советничката листа, туку ги интересира која политичка партија стои зад тие имиња. Тоа е катастрофа. Не постои предизборна кампања, туку само политичка пропаганда – објаснува Петковски.