Климатски промени/ Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Петгодишното одлагање на Законот за климатска акција ја кочи Македонија во борбата со климатските промени

Одолжувањето на постапката за донесување на Законот за климатска акција, кое трае повеќе од пет години, има сериозно негативно влијание врз институционалниот систем, координацијата и комуникацијата помеѓу надлежните институции во државата кои се вклучени во процесот на справување со климатските промени.

Ова е еден од главните наоди на Државниот завод за ревизија, кој се приклучи на глобалниот проект „Климатски скенер“ (Climate Scanner), иницијатива на Врховните ревизорски институции (INTOSAI). Во рамките на овој проект, кој обединува 141 институција од целиот свет, беше направена проценка на подготвеноста на националните влади за климатска акција. Резултатите беа презентирани на Светската климатска конференција COP29 во Баку, Азербејџан, каде учествуваа шефови на држави и влади од над 200 земји, меѓу кои и Македонија.

Фото: Државен завод за ревизија

Според извештајот, иако во земјава постојат одредени предуслови и е постигнат делумен напредок во креирањето на политики, потребни се дополнителни мерки и активности за воспоставување на функционални механизми и системи за справување со климатските промени. Ревизијата се фокусирала на три области: управување со климатските промени, јавни политики за климатски промени и финансирање на климатските промени.

Во однос на управувањето, законодавството делумно ја регулира оваа област, но не обезбедува цврста основа за системско управување со климатските промени. Непостоењето на усвоен Закон за климатска акција довело до институционален вакуум, слабa координација и недоволна комуникација помеѓу засегнатите страни. Дополнителен проблем е што во процесот не е доволно вклучена локалната власт, иако токму таа е клучна за спроведување на политиките на терен.

-Во делот на јавните политики, Македонија како потписничка на Договорот од Париз уште во 2015 година ги утврдила своите придонеси (NDC), а во 2021 година поставила поамбициозни цели. Сепак, државата сè уште нема Национален план за адаптација на климатските промени, што значи дека нема јасна стратегија за ублажување и адаптација на ризиците. Дополнително, поради недостиг на механизми за мониторинг, невозможно е да се процени ефективноста на преземените мерки – се вели во извештајот.

Во делот на финансирањето, долгорочната стратегија за климатска акција предвидува потреба од 35 милијарди евра капитални инвестиции и 121 милијарда евра трошоци во енергетскиот сектор до 2050 година. Но, бидејќи сè уште нема законска основа, во државниот буџет не постои систем за климатско означување на проектите, па нема ни точни податоци за тоа колку финансиски средства реално се издвојуваат за климатски промени.

Особено проблематично, од ДЗР забележуваат дека е тоа што последниот Национален инвентар на стакленички гасови е изработен во 2019 година, со поддршка на меѓународни проекти. Тоа значи дека државата нема ажурирани податоци за емисиите во последните пет години, што сериозно го попречува креирањето на ефективни политики.

Ревизорите заклучуваат дека Македонија презела одредени чекори и има јасни цели – како намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година според Ревидираниот NDC. Но, без донесување на Законот за климатска акција и без воспоставување системи за мониторинг, проценка и финансирање, државата ризикува да ги пропушти роковите и да не ги исполни своите меѓународни обврски, вклучувајќи го и Европскиот зелен договор.

Заводот препорачува надлежните институции итно да преземат мерки за подобрување на институционалната поставеност, координацијата и транспарентноста, со што ќе се создадат услови Македонија да стане поуспешна и поотпорна во справувањето со климатските предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот