
Пет скулптури изработени од рециклирано железо ќе бидат изложени во Паркот на Франкофонијата
Во Мобилна/монтажна галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата во Скопје на 23 август 2023 година, во 19.30 часот, ќе биде отворена првата самостојна изложба „Мрак“ на скулпторот Озбек Ајваз, на која ќе бидат изложени пет скулптури изработени од рециклирано железо.
Препорачано
– Светлината и стариот метал создаваат впечатлив контраст исто како интеракцијата помеѓу нематеријалните концепти и опипливите материјали. Оваа уметничка интеракција повикува на контемплација за природата на идеите и трајното присуство на физички артефакти, предизвикувајќи дијалог за еволуцијата на човечката мисла и трајното влијание на минатото врз сегашноста – истакнува авторот Озбек Ајваз.
Озбек Ајваз е роден 1999 г. во Скопје, РС Македонија. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Факултет за ликовни уметности во Скопје, на отсек вајарство, со модул сценографија во 2021 г., под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. На магистерски студии е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.
Во период од 2019 до 2023 година учествувал на повеќе групни изложби, симпозиуми и колонии во Македонија, Турција, Косово и Црна Гора. Во 2021 г. ја добива наградата за надежен млад уметник во Истанбул, Р. Турција. Од 2023 г. е член на ДЛУМ – Друштво на ликовни уметници на Македонија.
Скулптурите кои ги изработува се од рециклирано железо во апстрактна и геометриска форма. Неговиот уметнички израз е под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.
Изложбата е финасиски поддржана од Министерството за култура на РСМ, а логистичката поддршка доаѓа од Општина Центар и Центарот за современи уметности – Скопје.