Ристо Пенов/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Пенов за ТВ24: Има многу политикантство со документите, некој намерно создава хистерија

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за ТВ24 говореше за проблемот со пасошите и потсети дека нив ги печати германска фирма избрана на тендер во 2010 година. Договорот со таа фирма вели сè уште е во важност и е таен, а потпишан е кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Според тој договор, инсталирана е машина во Македонија, која кога ќе се сликате и ќе внесете податоци треба да го отпечати документот и има капацитет од четири илјади пасоши на ден.

Пенов додаде дека доцнењето за издавањето на документи со новото име, по менувањето на Уставот е поради фактот што законите за промена на документите се донесени многу подоцна.

– Едниот закон е донесен во декември 2020 година, а другиот во јуни 2021. Има објективни причини за тоа доцнење, како корона кризата, избори, но најмногу се доцнеше поради расправата дали таму да пишува Македонец, дали граѓанин на Република Северна Македонија. Имаше предлози од албанските партии и за етничка припадност, рече Пенов.

Тој додаде дека првите пасоши со Република Северна Македонија формално започнаа да се издаваат во јули 2021 година.

– Кога јас влегов во владата, министерот Оливер Спасовски почна да информира дека граѓаните не се јавуваат на закажаните термини за пасоши. На ден се закажани 4.000 термини, но бројката на сликани никогаш не надмина над 3.000. Значи илјада термини некој ги зафаќа и не ги користи и им го зема правото на другите граѓани, затоа настанува овој метеж, рече Пенов.

Тој уште вели дека бил шокиран кога МВР пред колку дена соопшти дека ќе казнува граѓани за возачките дозволи.

– Има многу политикантство со документите. Јас бев шокиран во неделата кога видов соопштение од МВР дека граѓаните ќе бидат казнувани за возачките дозволи, дека нема да важат осигурителните полиси и слично. Една општа хистерија за да им се земе умот на граѓаните, а излезе дека тој што ќе казнува, можел да повика влада и да предложиме решение за да не се почувствува проблемот, изјави Пенов.

Тој додаде дека со ваквото постапување некој намерно создава хистерија и проблеми за да ги револтира граѓаните.

– Пред тоа ние имавме изјава од поранешниот министер Спасовски дека тој што нема да успее да ги промени документите, за внатрешен промет државата нема да му прави проблеми, рече Пенов.

Според него, МВР веќе три недели го води ВМРО-ДПМНЕ, но ситуацијата со документите не е подобрена, туку влошена.

– Еве, владата била неспособна, а што направи новиот министер? Го прекина издавањето на пасоши со образложение дека немало обрасци. Па може да се сликаат луѓето и кога ќе дојдат обрасците ќе се испечатат пасошите, а тој доаѓа на влада, седи кратко и откако ќе си оди ние ги решаваме овие проблеми, додаде Пенов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот