Пазарните инспектори го ,,наштелувале” надзорот на Петар Грашо на „Хераклеа“ за да не мора да доседат на концертот до крај

Пазарните инспектори што вечерта отишле на „Хераклеа“ да видат дали концертот на Петар Грашо се одвива по протоколи, му дале на организаторот да потпише записник дека се се одвива според протоколите, по што си заминале рано, уште во 9 часот и 30 минути, а потоа просторот се исполнил да нема игла каде да се фрли. Ова за ,,Слободен печат” го тврди директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој додава дека за овие инспектори ќе следи дисциплинска постапка во внатрешната контрола на оваа институција.

-Има два записника во два одвоени временски термини и двата се коректни во однос на ситуациите за кои се изготвени, вели Пауновски.

Во Битола на „Хераклеа“ беше организиран концерт на Петар Грашо во четвртокот, кој според фотографиите од настанот дефинитивно се одвивал без да се почитуваат мерките за дистанца. Некои медиуми објавија дека наместо 600, продадени биле 2.000 билети. Ќе има и кривична пријава против организаторот, „Прагма продукција“.

Казни за организаторот на концертот на Петар Грашо, наместо 600 карти продале 2.000, Бебек пееше пред двојно помала публика

Организаторот пак, тврди дека протоколите не биле прекршени и се повикува на првичниот записник од пазарниот инспекторат. Меѓутоа, директорот Пауновски вели дека еден записник може да биде отворен и до три дена, а дека инспекторите откако си заминале и добиле дојава дека концертот од мирен преминал во журка, се вратиле и составиле нов записник што ќе биде основа за поднесувањето на кривичната пријава.

– За концертот на Хераклеа ќе има кривична пријава за загрозување на јавното здравје против организаторот. Нашите инспектори направиле еден записник на почетокот од концертот во 9 часот и 30 минути, им го дале да го потпишат, за да не седат до крај. Кога си заминале инспекторите, тие ги отвориле вратите и влегле многу посетители. Новинари ми пратија фотографии кога се излегло од контрола, па повторно испратив инспектори во 23 часот и 45 минути кои виделе слика која не кореспондирала на првичната. Грешка на инспекторите е што си заминале уште на почетокот и за тоа ќе има дисциплинска постапка за и другите да се научат дека не треба да се верува туку да се седи до крај на насатанот. На почетокот било се во ред. Имало мерење на температура, маски, редарска слижба, редарот им сугерирал на посетителите да бидат на растојание. Потоа настанал хаосот. Организаторот вели дека почитувал протоколи и дека имал записник од пазарен инспекторат дека се било во ред, но инспекцијата може да влезе во секој момент. Тоа право сме го искористиле, сме влегле подоцна и направен е нов записник кој организаторот не го потпишал. Има и камери од МВР на кои се се гледа, вели за Слободен Печат Пауновски.

Според него, концертот траел до 12 часот и 30 минути, а вториот записник во 12 и 45 ноќта, организаторот не го потпишал.

Освен овој настан, пријава ќе има и за угостител во Битола кој организирал крштевка во ресторан, а прекршочни парични казни ќе има и за угостители во Охрид за помали прекршувања, како продолжено работно време. Не секогаш инспекторите ги казнуваат угостителите, туку им сугерираат да извадат една маса од просторот, да се адаптираат на протоколите за дистанца и предупредуваат. Но, случајот на Хераклеа не бил таков, тврди Пауновски.

Министерот за здравство Венко Филипче исто така побара одговорност за прекшувањето на протоколите на овој концерт и за загрозувањето на јавното здравје. Тој ги повика надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните.

Филипче побара санкции кон одговорните за прекршувањето на протоколите на концертот на Петар Грашо

Тој посочи дека организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува. Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност која во случајот според Филипче, треба да ја понесе организаторот на настанот.

,,Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 проценти публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од метар и половина, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител”, вели Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот