
Патување низ различни епохи и стилови носи концертот на Македонската филхармонија на ДММ 2024
Традиционалниот концерт на Македонската филхармонија во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ) ќе се одржи на 19 септември, со почеток во 20 часот, во големата сала на НУ Филхармонија, а на настанот ќе биде доделена и наградата „Георги Божиков“ на камерниот состав „Пијано трио“. Диригент на концертот е Томас Херцог од Швајцарија.
Препорачано
Програмата на концертот е патување низ различни епохи и стилови на македонската музичка мисла, со дела од композитори од различни генерации. Ќе прозвучат делата „Девет минијатури за симфониски оркестар“ од Томислав Зографски, „Дијада бр. 2 за голем симфониски оркестар“ на Јана Андреевска, „Прелудим бр. 2 / Con delicatezza“ од Панде Шахов, „The apple t(h)ree (to the unmercanaries)“ за симфониски оркестар на Дамјан Темков и „Disturbance“ за симфониски оркестар на Бојана Петровиќ Алексова.
Наградата „Георги Божиков“, што Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ традиционално ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешни изведби на дела од македонски композитори во текот на изминатата година, за 2023 година комисијата во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска – Шулајковска, музиколог и проф. д-р Валентина Велковска Трајановска – композитор ја доделува на „Пијано трио“ во состав Татјана Петрушевска Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано.
„Пијано трио“, составено од тројца етаблирани музичари: Татјана Петрушевска – Караскаковска, прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски, прв фаготист во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, и Петар Макариевски, уметнички соработник при ФДУ, е формирано во 2014 година. Триото својот прв настап го има на концертот и промоцијата на аудио изданието во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје.
Во годините потоа, триото одржа концерти во речиси сите градови низ Македонија. Во 2022 година, македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за ансамблот, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивалот на камерна музика во Нови Сад – град што во 2022 година го носеше признанието Европски град на културата. Во ноември 2022 година, триото настапи на фестивалот „Есенски музички свечености“ со рецитали од светската музичка литература. Во 2023 година, композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на триото.
„Пијано трио“ се одликува со изразен и моќен звук, интерактивност, прецизност и виртуозност во изведбата. Составот од обоа, фагот и пијано им овозможува на членовите на ансамблот да истражуваат широк спектар на репертоар, кој вклучува како класични композиции така и премиерни изведби на дела од различни епохи и форми. Секоја нивна изведба е обележана со највисок уметнички дострел.
Во периодот од 2014 до 2024 година, Томас Херцог беше постојан балетски диригент во Театарот Базел. Од 2019 година, тој е чест гостин-диригент на балетски продукции во „Семперопер“ во Дрезден и Државната опера во Будимпешта. Меѓу неговите неодамнешни деби настапи се вбројуваат и концертите со Шпанскиот радиооркестар РТВЕ во Мадрид, Холандскиот национален балет во Амстердам, Нирнбершкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Виртемберг во Хајлброн, Националната опера на Рајна во Стразбур и Мулуз, како и Резиденцискиот оркестар во Хаг.
Херцог има долгогодишна соработка (повеќе од 15 години) како редовен гостин-диригент со Филхармонијата на Виртемберг во Ројтлинген, Филхармонијата на Монтевидео и симфониските оркестри во Мишколц, Сегед и Сомбатхељ во Унгарија. Роден во Базел, Херцог, кој има унгарски корени, студирал ударни инструменти, композиција и диригирање. Во 1997 година, тој ја освои првата награда на натпреварот за композиција на Камерниот оркестар на Лозана.
Како уметник, Херцог развива особен афинитет кон изведба на дела од шпански и француски композитори, современа музика и педагошки уметнички проекти. Неговиот балетски репертоар опфаќа класични ремек-дела, како што се „Жизел“, „Дон Кихот“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и современи танцови композиции. Како реномиран експерт, Херцог редовно добива покани за диригирање со реномирани ансамбли, како што се Радиооркестарот на Унгарија во Будимпешта, Државната филхармонија на Рајнска-Пфалц, Симфонискиот оркестар на Берн и Симфонискиот оркестар на Кипар.
Во сезоната 2024/25, Херцог ќе дебитира во „Дојче Опер ам Рајн“ во Дизелдорф, Музичкото театар „Аалто“ во Есен и Операта во Рим, а исто така повторно ќе настапи во Дрезден и Будимпешта во неколку уметнички продукции.
Македонската филхармонија е единствениот симфониски оркестар во Република Македонија, и како таква, таа е исклучителен репрезент на симфониското творештво на македонската и меѓународната музичка сцена. Звукот на оркестарот денес е на високо квалитативно ниво и неговата програма постојано се збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри.
Инвентивниот и креативен репертоар е во рамнотежа со традиционалните музички вредности, што ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели. Филхармонијата е еден од најголемите афирматори на македонското современо творештво, редовно изведувајќи праизведби на симфониски дела од македонски композитори. Влезот на концертот на Македонската филхармонија на „Денови на македонска музика“ е слободен.