Фото: Социјални мрежи

Партиски членови ќе контролираат прислушување, СДСМ обвини за партизација на Советот за граѓански надзор

Собраниската Комисија за избори и именување донесе предлог-одлука за претседател и за членови на Советот што треба да поминат на гласањето на пленарна седница. Членот на Комисијата од СДСМ Љупчо Николовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ целосно става рака врз ова тело, а за партизацијата ќе ги алармираат сите меѓународни претставништва и амбасади во земјава.

Опозицискиот СДСМ стравува дека е можно да ни се повтори масовно прислушување и обвини дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ целосно го партизира Советот за граѓански надзор, тело што ќе контролира дали институциите што смеат и можат да ги следат комуникациите, тоа го прават легално, следејќи ја законската процедура.

Собраниската Комисија за избори и именување донесе предлог-одлука за претседател и членови на Советот кои треба да поминат на гласањето на пленарна седница. Членот на Комисијата од СДСМ Љупчо Николовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ целосно става рака врз ова тело и во изјава за „Слободен печат“ вели дека за партизацијата ќе ги алармираат сите меѓународни претставништва и амбасади во земјава.

Комисијата за избори и именувања за претседател на Советот го предлага Илче Димовски, а за членови Мирче Стојков, Стојанче Рибарев, Никола Затуровски, Благоја Стојановски, Нафис Ќазимоски и Катерина Крстевска.

На Комисијата не помина предлогот на Николовски – да се одложи изборот на членовите на Советот за да имаат време пратениците да ги погледнат биографиите на предложените кандидати, односно дали, како што пропишува законот, тие доаѓаат од невладиниот сектор или се експерти.

– Со грубо кршење на сите правила, Комисијата за избори и именувања предложи партиски луѓе за членови на Советот. Ова го стори без претходно доставен материјал, зашто материјалот ни го доставија пред почетокот на седницата, иако опфаќа биографии и пријави за вкупно 28 кандидати, што значи спротивно од Деловникот. Реагирав и барав оваа сериозна точка за утврдување на предлог-членови за Советот за граѓански надзор да биде одложена и сериозно да биде разгледана, но мнозинството не прифати – ни изјави Николовски.

Тој додаде дека целта им била одлуката за целосна партизација на ова тело набрзина да биде протната додека трае расправата за буџетот.

– Ова тело е особено значајно и самиот назив на телото е Совет за граѓански надзор. Според законот што е донесен со двотретинско мнозинство, овој закон, кој е реформски и следуваше по масовното прислушување, беше еден од одредниците за преговорите со ЕУ. Навистина заслужуваше да бидат избрани членови со исполнети услови како експерти или членови на невладини организации – вели Николовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека немале ни време ни можност да ги разгледаат материјалите и да утврдат кои експерти се предложени и од кои невладини организации доаѓаат предложените членови.

– Се случи тоа што го предвидовме. Првпат се избира составот на Советот и веднаш целосно се партизира. Предлозите што се дадени се целосно поврзани со политиката. Барав да се одложи точката и да предложиме кандидати што немаат никаква конекција со политичките партии или со други структури. Но она што го добивме е целосна партизација. За претседател на Советот е предложен Илче Димовски, поранешен секретар на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, за членови Благоја Стојановски, поранешен пратеник во неколку парламентарни состави, Никола Затуровски – поранешен член на извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ и регионален координатор за Струга, a Мирче Стојков бил поранешен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. Има повеќе кандидати што се целосно поврзани со партија. Ќе ги информираме сите меѓународни претставништва и амбасади за партизација на ова тело – вели Николовски.

Советот за надзор, во согласност со Законот за следење на комуникациите, има надлежност за остварување граѓански надзор на законитоста и спроведувањето на мерките за следење на комуникациите. Според Николовски, од членови на Советот што се партиски послушници воопшто не може да се очекува дека ќе си ја вршат својата работа. Стравувањата на јавноста се дека ова е простор преку ова тело да се создадат нови проблеми во тој дел, особено што станува збор за следење на законитоста на мерките за следење на комуникациите, еден витален сегмент во општеството, додаде пратеникот на СДСМ.

– Ние знаеме што поминавме во претходниот период, се спроведе и реформа на целокупниот сегмент и ова е тема каде што навистина нема простор за политики, за луѓе што не се целосно кредибилни, со највисок интегритет, обучени и ги поминале сите филтри и се експерти од таа област. Овие кандидати го исполнуваат само условот да имаат партиска книшка – смета Николовски.

Советот врши надзор по сопствена иницијатива и по претставка од граѓани, на пример, ако граѓанин се сомнева дека е прислушуван. Советот има право да влезе во ОТА и кај другите органи за да изврши граѓанска контрола и тоа да го направи по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин.
Претходниот состав на Советот никогаш не профункционира и членовите поднесоа оставка бидејќи не им беа обезбедени финансии за да функционираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот