Банер со натпис „Ова е земја во која се доцни со се, само се умира предвреме“ во Кочани, истакнат во центарот на градот по трагедијата во дискотеката „Пулс“ / Фото: Слободен печат

Партиите сепак ќе бараат гласови во Кочани – кој ќе собере храброст да се најде на гласачкото ливче?

Најголемите партии од македонскиот блок, и покрај несреќата, ќе ги бараат гласовите на кочанчани со свои кандидати, иако родителите кога дојдоа на протести во Скопје порачаа не сакаат да видат партии за ниту едни избори во иднина.

Предлогот на опозицискиот лидер Венко Филипче партиите да излезат со заеднички кандидат за градоначалник на Кочани, градот кој уште не може да закрепне од катастрофалната трагедија во која загинаа 62 млади луѓе, а повеќе од 200 уште ги лекуваат повредите, остана само како идеја која провејуваше непосредно по трагедијата.

Најголемите партии од македонскиот блок, и покрај несреќата, ќе ги бараат гласовите на кочанчани со свои кандидати, иако родителите кога дојдоа на протести во Скопје порачаа не сакаат да видат партии за ниту едни избори во иднина.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на која Кочани ѝ е болна тема за партискиот рејтинг, сепак ќе има свој кандидат, но ниту официјално, ниту неофицијално не се кажува името на оној кој ќе собере храброст да се најде на гласачкото ливче пред кочанчани од партијата од која родителите на загинатите не престануваат да бараат одговорност.

Заврши рехабилитацијата на повредените во „Пулс“ на Пониква

ВМРО-ДПМНЕ: Кандидатите ќе бидат познати по 3 септември

 

– Партијата најави состаноци во рамките на своите структури, вклучувајќи и извршниот комитет за да се утврдат конечните кандидати за градоначалници и советници, по што ќе бидат објавени и имињата на кандидатите за сите општини. Очекуваме во првата недела од септември ова да биде завршено – ни изјави Миле Лефков, единствениот пратеник од Кочани во Собранието.

Неговата изјава е на линија со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека кандидатите за градоначалници кои не се објавени јавно, ќе бидат познати по 3 септември.

Опозициската СДСМ, како и за другите општини, според нашите неофицијални информации ќе го кандидира претседателот на општинската организација на партијата во Кочани, Игор Христов, кој беше именуван со одлука на сегашниот претседател на партијата, Венко Филипче пред трагедијата. Според нашите информации, Христов има поддршка од членството во Кочани, но меѓу граѓаните партијата не правела анкети.

Сегашниот вршител на должноста градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, кој дојде на местото на Љупчо Папазов, откако тој беше осомничен за трагедијата, меѓу првите ја најави својата кандидатура и, според првичните изјави кои ги даваше во јавноста, тој ќе ја бара довербата од сограѓаните како независен кандидат. Во еден од своите јавни настапи тој рече дека двата мандата како член во Советот на Општината, за што беше избран на листата од група избирачи поддржана од граѓаните, е доволна потврда дека може активно да учествува во изборниот
процес.

ГАЛЕРИЈА: Болката од трагедиите не познава граници – Кочани и Гетеборг обединети во солидарноста

– Јас ќе се кандидирам на наредните избори, сум прв независен советник во рамките на Советот на Општина Кочани во два мандата, со освоен најголем број гласови како советник. На наредните избори ќе се кандидирам како независен и се надевам на огромна поддршка од кочанчани која што ја имам и во овој период. Таа поддршка ќе ми помогне да го смениме целиот процес во градот, да успееме да го возобновиме и да направиме Кочани да биде пристојно место за живеење, со посебен акцент за перспектива на младите. Бидејќи младите се на удар, тој песимизам нормално ги зафаќа најмногу нив, а јас ќе ги искористам младите за тотално да ја смениме таа траекторија на движење, која што беше и пред настанот во дискотеката „Пулс“, меѓутоа после „Пулс“ не смее ништо да биде исто во државата, тоа е лекција која треба да биде научена – рече Крстевски.

Крстевски престана да го поддржува „Маршот на ангелите“

 

„Слободен печат“ неколкупати се обиде да стапи во контакт со Крстевски за тоа дали ќе поднесе кандидатура, но Крстевски не одговори на нашите повици. Крстевски имаше јавни несогласувања со родителите на загинатите деца откако тие побараа од него да се одложи музичко-забавниот дел од програмата за Петровден во Кочани, кој го прифати нивното барање, но не со согласи со нив.

– Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи, не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот – порача Крстевски.

Родителите кои секоја сабота излегуваат на марш пред институциите во знак на протест му забележаа што веќе не се појавува на нивните маршеви, иако кога стана градоначалник им ја вети својата поддршка. Тие на протестот во Скопје гласно кажаа дека не им веруваат на партиите.

Левица, пак, партијата која најжестокиот ја критикуваше власта за трагедијата и која најгласно бараше одговорност, уште нема конечна одлука со кој кандидат ќе ги бара гласовите на скршените кочанчани. Оттаму брифираат дека не ја исклучуваат можноста да го поддржат и независниот кандидат Крстевски, но велат дека ќе „пресечат“ наскоро.

На локалните избори во 2021 година, Папазов од ВМРО-ДПМНЕ со 16 гласа повеќе го победи Николчо Илијев од СДСМ, но по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, и против Папазов и против Илијев беше покренато обвинемие во рамките на истрагата што ја отвори Обвинителството, заедно со нивниот претходник од ВМРО -ДПМНЕ Ратко Димитровски.

„Со пари, врски, закани – виновниците се спасуваат“, велат огорчените родители на загинатите во Кочани

Обвинителството всушност одговорноста за пожарот ја лоцираше во 13-годишните системски пропусти. Обвинети се голем број поранешни министри, градоначалници, директори на институции. На сите 34 обвинети им се става на товар истото кривично дело – тешки дела против општата сигурност, и тоа е она што го проблематизираше правната фела. Ова обвинение е сè уште на оценка во Кривичниот суд и, со оглед на големиот број обвинети, неизвесно е кога ќе почне судењето и дали воопшто пред изборите обвинетите ќе седнат на обвинителна клупа.

До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот