Парите остануваат да важат и со Република Македонија

Фото: Архива на СП

Измените во називот на државата и називот на институцијата што ги издава се вршат кај сите деноминации на парите, кои се набавени и отпечатени или исковани од почетокот на 2020 година наваму, велат од Народната банка

Многу шега, но и загриженост предизвикаа книжните и кованите монети, на кои сè уште пишува Република Македонија. На социјалните мрежи се постираат парите со старото име и се тера шега дека од денес нема да може да плаќаме со овие пари. Но, ваквите шеги може да предизвикаат и проблеми, затоа што веќе може да се слушнат коментари: „Што да правам ако ми дадат пари со старото име, дали да побарам тие да бидат исклучиво со Северна Македонија?“. Неофицијално дознаваме дека и банкарите се загрижени дека кога ќе исплаќаат пензии, пензионерите ќе бараат банкнотите да им бидат исклучиво со Северна Македонија.

Од Народната банка, во изјава за „Слободен печат“ се категорични дека нема потреба од таква загриженост.

– Употребата на сите книжни и ковани пари издадени од Народната банка не е спорна и тие и понатаму остануваат во важност и слободна циркулација во нашата земја – велат од Народната банка.

Оттаму појаснија дека тие постепено веќе ја прават замената.

– Измените во називот на државата и називот на институцијата што ги издава се вршат кај сите деноминации на парите, коишто се набавени и отпечатени, или исковани од почетокот на 2020 година наваму. Ова значи дека сите нови изданија на парите, чиишто набавки се вршат според утврдените потреби за надополнување на залихите и одржување на воспоставениот стабилен систем за снабдување со готовина, го содржат новото име на државата и новото име на институцијата што ги издава и се извршени речиси кај сите деноминации на парите – велат од Народната банка.

Оттаму појаснуваат дека тие не се условени со датумот 12 февруари, до кога граѓаните требаше да ги заменат личните документи. Засега нема информации до кога сите ковани и монети ќе се заменат со новото име на државата и на институцијата.

– Според законската обврска, целосната замена на старите изданија на парите треба да се заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје, во рамките на преговарачкиот процес со ЕУ, во конкретниов случај Поглавјето 17 – Економска и монетарна унија, како релевантно ЕУ поглавје што го третира издавањето на парите. Со оглед на тоа што ова поглавје сè уште не е отворено, а од денешна перспектива не е познат точниот датум на неговото отворање, не можеме да го дефинираме ниту крајниот рок до кога треба да заврши целосната замена на парите – велат од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот