„Пантон“ ја прогласи „Пич фаз“ за боја на годината за 2024 година

Фото: Фејсбук/„Пантон“

Кога би можеле да ја замислиме годината пред нас, каква боја би била таа? Оваа апстрактна мисла е нешто со кое секоја година се занимаваат стручњаците од Центарот за истражување и податоци за бојата „Пантон“. Тие разгледуваат какви трендови владеат во високата мода, дизајнот на ентериер, популарната култура, но и човечката психологија.

Оваа година, тие се одлучија за нијансата „ПАНТОН 13-1023“, односно „Пич фаз“ – лесен, овошен тон кој предизвикува мир и спокојство.

„Поминуваме низ многу турбулентни превирања во нашите животи и ни треба боја што смирува“, рече Лиатрис Ајсман, извршна директорка на „Пантон“, во интервју за „Си-ен-ен“.

„Тоа е топла и пријатна нијанса. И таа е многу тактилна. Сметаме дека, во вакво време, тој квалитет е навистина важен – да ги допрете другите луѓе и да ги соберете во вашиот дом“.

Фото: Фејсбук/„Пантон“

Различни нијанси на праска редовно се појавуваа на модните писти во колекциите пролет-лето 2024 година, особено во Милано и италијанските модни куќи како „Гучи“, „Жил Сандер“ и „Спортмакс“. Фустаните со боја на праска можеа да се видат и на црвениот тепих, а нејзината застапеност во поп-културата беше сè поприсутна.

„Сметаме дека бојата на праска е многу носталгична. Почесто е женска боја, но во одредени варијации полека се вовлекла и во машките гардероби. Мислам дека тоа зборува за модерноста на оваа нијанса“, изјави Ајсман.

Во соопштението за печатот, директорката на „Пантон“ исто така наведе дека „Пич фаз“ буди чувство на припадност, инспирира повторно обединување и заемна грижа.

Инаку, оваа година се одбележува 25-годишнината од иницијативата „Боја на годината“ на „Пантон“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот