Судење за убиството на Вања и Панче / Фото: Слободен Печат, Слободан Ѓуриќ

Палевски: Ни брат ми ни мајка ми не вртеле на телефонскиот број на Вања

Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, денеска во судница тврдеше дека кога полицијата вршела претрес во домот на неговиот брат во селото Глуво, полициските инспектори завртиле на телефонскиот број на Вања Ѓорчевска и тој повик бил евидентиран во списокот на повици.

-Оштетеното дете Вања Ѓорчевска, во моментот на претресот е пет дена убиено. Ниту мојот брат ниту мојата мајка, знаеле телефонски број од оштетеното дете. Невозможно е да вртеле во моменти кога им се одземени телефони, како што е наведено во телефонската анализа. Нормално е полицијата при претрес да заврти на телефонскиот број на оштетеното дете, случајно да не заѕвони во близина. Обвинителство не најде ниту време ниту начин да го прашаме зошто вртел за време на претрес, на 3 декември кога е детето веќе убиено пет дена, рече Палевски.

Во судница денеска сведочеа вишиот инспектор Елвис Ибрахими и вработениот во единицата за компјутерски криминал инспектор Тодорче Ѓорѓиевски, кои биле присутни при претресот на домот на обвинетиот Љупчо Палевски.

Ибрахими рече дека кога се вршел претрес во домот на Палевски на 3 декември, биле одземени лаптоп, таблет Самсунг и телефон Ајфон 6S плус, но, како што посочи, не биле евидентирани повици кон Вања.

Тој додаде дека при претресот, телефоните на сопственикот на куќата, братот на Палевски биле пред нив на увид и не забележале дека некој член од семејството повикува телефонски број.

Истото го потврди и Ѓоргиевски додавајќи дека братот на Палевски само телефонски го повикал својот адвокат.

Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември и беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски за помагање.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот