Љупчо Палевски - Палчо
Љупчо Палевски - Палчо / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Палевски: Мојата амбасада не сакаше да ме посети во екстрадиционен притвор во Турција

Првообвинетиот Љупчо Палевски одговара на прашања од својот адвокат Јовица Страшевски. Тој рече дека барал да го посети македонската амбасада додека бил во екстрадиционен притвор во Турција ама амбасадорот не сакал да дојде.

– Не сум бил посетен од официјално лице од Македонија, а барав од амбасадата. Директорот на затворот во Турција ми прати допис дека мојата амбасада не сака да има контакт со Љупчо Палевски додека бев во притвор, рече тој.

Адвокатот го праша:

Во јавноста се пишува дека во екстрадиционен притвор во Турција, ве посетиле олигарси и политички влијателни личности, така ли е?

-Тоа се класични измислици, не е точно, освен што ме посетуваше адвокат што требаше да го забрза процесот во Министерството за правда на Турција за побрзо да бидам испорачан. Не ме посетувале ни олигарси ни политичари во екстрадиционен притвор, со оглед дека со мене беа затворени воени лица со 40 годишни казни кои учествувале во превратот против Ердоган во 2016 година. Тоа е строг затвор и странец во него не може да биде посетен.

Тоа е објавувано за потребите на медиумскиот линч против мене. Меланомот на лице не е точно дека ми бил опериран во централен затвор во Белград каде бев 9 месеци во екстрадициски притвор. Опериран сум во ВМА во Белград но немало посебни третмани, викендици, чувања и глупости, рече Палевски.

Тој рече дека „во КПУ затвор Скопје има коректен однос, за разлика од судот и јавното обвинителство“.

-Доказ за тоа е прекршувањето на моите човекови права кога бев испорачан. Командирот Игор што беше дежурен направи предавање мое, како притворено лице – од МВР на затворска полиција. Не ми беше врачен никаков документ зашто решението за притвор било донесено со погрешен матичен број, погрешно место на живеење. После консултација не ми беше врачен никаков документ а бев притворен. После 6 дена дури, без никакво врачување ни на тоалетна хартија а камоли решение за притвор, на 21 мај во крајно понижувачка процедура рацете врзани позади, глава наведната кон земја, на главниот влез од овој суд со преку 50 камери бев донесен во 19 часот да ми се врачи решение за притвор во присуство на јавната обвинителка Жаклина Крстевска Јосифовска.

Не само што бев киднапиран 6 дена, не се удостоија ни да ме известат писмено зошто сум притворен, ниту пак подоцна во постапката каде директно е одговорна таа обвинителка и судијата на претходна постапка Душан Јосифов –  ни записник од исказот што го дадов не ми беше доставен. Се велеа ќе ми достават подоцна, а ми доставија после завршување на истрага и тоа од судот.

После завршување на истрагата уредно за 15 дена поднесов барања до истата обвинителка за обезбедување докази и до ден денес не сум примил ниеден писмено од јавното обвинителство, а камоли во законскиот рок. Вешто, во обвинението на другите четворица обвинети, од 31.05.2024 ставаат предмети со траги од ДНК на Љупчо Палевски во обвинителен акт на други обвинети а не во моето обвинение. Така бев спречен да знам какви докази има против мене, затоа што судот ги спои двете обвиненија подоцна, во септември. Така да, јас увид во доказите направив кога почна јавната расправа а не во законскиот рок, поради обвинителски трикови и злоупотреби на законот за кривична постапка-рече Палевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот