Палестинско знаме/ЕПА

Палестинска држава – Белгија воздржана, Ирска, Норвешка и Шпанија ќе ја поддржат

Белгија воздржана – нема донесено одлука во врска со прашањето за признавање на палестинската држава и покрај тоа што на владина седница се расправало на оваа тема.

Неколку партии од коалиционата влада, вклучувајќи ги „Зелените“, „Христијандемократи и фламанци“ и „Напред“ (социјалисти), бараат признавање, додека либералите од „Реформаторско движење“ и „Отворени либерални демократи и фламанци“ се воздржани по ова прашање.

Премиерот Александер де Кро изјави дека е премногу рано за признавање на палестинска држава и дека Белгија се стреми кон непосредно подобрување на состојбата на терен. Министерот за надворешни работи, Хаџа Лабиб, додаде дека признавањето е прашање на време и дека треба да има значаен ефект, а не да биде само симболично.

Во март, белгиската влада побара итен прекин на огнот во Газа и почитување на меѓународното право.

Девет од вкупно 27 земји-членки на Европската Унија ја признаваат Државата Палестина. Осум од нив го сторија тоа пред да се приклучат на блокот – уште кога палестинскиот лидер Јасер Арафат ја прогласи Палестина за независна држава на 15 ноември 1988 година – Малта, Кипар, Чешка и Словачка (до 1993 година Чехословачка), Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. По нив во 2014 година следеше Шведска, која стана првата земја што ја призна Палестина по пристапувањето во ЕУ.

Ирска, Норвешка и Шпанија веќе објавија признавање на палестинска држава, наведувајќи ја војната меѓу Израел и Хамас во Газа и потребата да се постигне решение со две држави за траен мир во регионот.

„Тековната војна во Газа многу јасно стави до знаење дека постигнувањето мир и стабилност мора да се заснова на решавање на палестинското прашање“, рече норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека одлуката е заснована на „мир, правда и кохерентност“. „Дојде време да преминеме од зборови на дело“, рече Санчез.

Трите земји рекоа дека нивното признавање на палестинската држава ќе стапи на сила на 28 мај.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац веднаш најави отповикување на амбасадорите на Израел од Ирска и Норвешка како одговор на најавите од средата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот