
Пациентите на дијализа паднаа „од коњ на магаре“: ГОБ „8 Септември“ веќе не им плаќа такси
Пациенти кои одат на дијализа трипати неделно во ГОБ „8 Септември“ останаа без такси-превозот, се жалат нивните семејства. По дијализата која трае со часови, исцрпени и без енергија, наместо како досега да бидат однесени дома со такси, добиле автобуски карти, откако истекол договорот што болницата го имала склучено со такси-компанија. Трипати неделно после четиричасовниот третман, сега овие пациенти се упатуваат на автобуските станици и го чекаат ЈСП.
Препорачано
-Две години татко ми оди на дијализа трипати неделно. ГОБ „8 Септември“ повеќе нема договор со такси-компанијата која досега го носеше и го враќаше татко ми од дома, а живее далеку, во друга населба и таксито во еден правец е 400 денари. Прашував дали може да се префрли во друг дијализен центар каде што би му било поблиску, ама не може поради тоа што нема место. Проблемот е што секој дијализен центар самиот одлучува како ќе го врши превозот. И сега, преку здружението „Нефрон“ им обезбедуваат автобуски карти, но татко ми има 73 години а нашиот градски превоз го знаеме каков е. После неколкучасовна дијализа, да оди во автобус, не е во ред, изјави за „Слободен печат“ Катерина Цветкова, ќерка на пациент што оди на дијализа.
И претседателот на здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Душко Ѓоргиев за „Слободен печат“ потврди дека договорот со такси-компанијата која превезувала дел од пациентите не е продолжен.
Што се однесува до превозот во ГОБ „8-ми Септември“ има измени во организацијата на превозот за пациентите на дијализа и тоа од 25.10.2024 година. Договорот со такси-компанијата која превезуваше дел од пациентите не е продолжен. Најголем дел од пациентите ќе добиваат надоместок за сопствен превоз, а за оние што имаат медицинска индикација установата ќе обезбедува болнички транспорт со сопствени возила, такво ветување добивме од директорот. Исто така, Здружението Нефрон преку Програмата за повластено користење на јавниот градски превоз на Град Скопје за сите заинтересирани пациенти на дијализа обезбедува бесплатни годишни автобуски билети. Во тек е повикот за пријавување на корисници за 2025 год. и трае до 13 декември 2024. Во Здружението Нефрон имаше неколку јавувања со прашања од информативен тип, официјално нема доставена претставка за превозот во 8-ми Септември од нашите членови, ни изјави Ѓоргиев.
Податоците за склучени јавни набавки од страна на ГОБ „8 Септември“ покажуваат дека изминатите години оваа болница склучувала годишен договор за такси-превоз, но тоа сега одненадеж се сменило со промената на директорот. Истекол договорот за такси-превоз, а нов не е склучен. „Слободен печат“ се обрати во ГОБ „8 Септември“ со прашања зошто договорот за такси-превозот не е обновен, но одговор не добивме. Прашањата се однесуваа на тоа зошто такси-превозот е сменет со автобуски со оглед на тоа што на пациентите истиот не им одговара поради долготрајноста на третманот и нивната исцрпеност по третманот како и поради тоа што живеат на поголема оддалеченост од болницата.
Според последниот договор за такси-превоз кој завршил на 30 септември 2024 година, такси-превозот во ГОБ „8 Септември“ бил наменет за 33 пациенти.
„Носителот на набавката се обврзува дека превозот на пациентите ќе го врши 6 дена во неделата, од понеделник до сабота во две смени. Тој треба да обезбеди климатизирани возила во кои ќе се превезуваат пациентите. Превозот на пациентите ќе се врши од адресите на кои живеат пациентите до ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ и обратно. Еден пациент се третира на хемодијализа три пати во неделата. Носителот на набавката се обврзува дека превозот на пациентите ќе го почнува и завршува во најкраток можен рок по предвидената релација. За пациентите од прва смена третманот со хемодијализа почнува во 7 часот и 45 минути и завршува во 12 часот, а за пациентите од втора смена започнува во 13 и 30 часот и завршува во 18 часот. Носителот на набавката треба да ги групира пациентите така што во едно возило може да се возат најмногу три пациенти и да ги определи релациите во зависност од местото на живеење на пациентите, пишува во договорот за јавна набавка на такси-превоз за дијализните пациенти кој завршил пред два месеци.
Молчат и од Министерството за здравство. Пациентите во меѓувреме се оставени да се снаоѓаат самите.
-Пет часа е вклучен татко ми на апарати, му ја прочистуваат крвта од отрови. Кога ќе дојде дома само ќе касне нешто и веднаш си легнува. За сега да треба да оди секој вторник, четврток и сабота со автобус и да излегува порано од терминот два часа, за да стигне со автобус. За враќањето да не збруваме. Во минатото пациентите се противеа што превозот бил во комбиња и бараа такси, зашто се исцрпени, автобускиот превоз не е соодветен. Сега го прашувам татко ми, зошто не се соберат да излезат јавно да зборуваат, вели дека сите се револтирани. Последната информација е дека воопшто веќе нема да има организран превоз со образложение дека можат да го користат градскиот превоз. Како може да остават лица кои после дијализа се изнемоштени и не се способни да се движат да се оставаат да си одат и со така катастрофалниот градски превоз бидејќи не секој е финансиски способен 3 пати во неделата да дава пари за такси, вели за „Слободен печат“ Цветкова.
Превозот на пациентите со дијализа во Македонија се организира на неколку начини: со надоместок за сопствен превоз (во центрите во јавно здравство), превоз на пациенти со сопствени возила (комбиња и адаптирани возила) и договори со такси-компании (во приватните центри за дијализа).
Други можност за пациенти во влошена здравствена состојба е користење на превоз со транспортни возила на Црвен крст со придружба во зависност од договорите со општините и болнички транспорт.