фото: Град Скопје

Отстранети 40 кубни метри отпад од дворот на „Ранка Милановиќ“ во Општина Гази Баба

Вкупно 40 кубни метри отпад биле исчистени од дворот на поранешната управна зграда на Јавната установа за згрижување деца со социјално-воспитни проблеми „Ранка Милановиќ“, сместена на улицата Перо Наков. Акцијата за расчистување на оваа огромна депонија ја реализирале екипи на ЈП „Комунална хигиена“, во рамките на големата акција за генерално чистење на општината Гази Баба.

– Од почетокот на акцијата за чистење на општината Гази Баба, во специјалните садови што ЈП „Комунална хигиена“ ги постави на пет локации во оваа скопска општина беа одложени приближно 50 кубни метри кабаст отпад коишто се подигнати и транспортирани од страна на екипите на претпријатието. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ рачно и машински ги исчистија булеварите и улиците, а направија и дезинфекција на контејнерите на јавните површини – информираат од надлежните од Град Скопје кои ја координираат оваа еколошка акција.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ пак работеле на санирање на ударните дупки на 5 булевари и улици. На булеварите Александар Македонски и Киро Глигоров и на улиците Методија Андонов Ченто, Маџари и Перо Наков санирани биле ударни дупки со вкупна површина од 210 квадратни метри.

– Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот во овој дел од градот, екипите на ЈП „Улици и патишта“ на улицата Благоја Стефковски поставија две платоа за намалување на брзината на движење на возилата и ја обновија вертикалната сигнализација на булеварите Александар Македонски и Киро Глигоров, а на улицата Перо Наков со поставени нови сообраќајни знаци и исправени се оштетените. Во рамките на акцијата е извршена контрола и обиколка на светлосната сигнализација на семафоризираните крстосници во општината и заменети се оштететените сенила на пешачките и возачки лантерни на семафорите 4 крстосници – информираат од Град Скопје.

Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ пак, реализирале голем број активности за уредување на зеленилото долж булеварите и улиците: Александар Македонски, Киро Глигоров, Благоја Стефковски, Коце Металец, Методија Андонов Ченто, како и на улицата 808.

– На двата булевара и четирите улици се искосени тревните површини и уредени дрворедите, а беа собрани лисја, хартии и отпадоци. Во рамките на оваа акција на ЈП „Паркови и зеленило“ собраа 10 полни камиони со отпадоци. Град Скопје заедно со јавните претпријатија и во координација со Општина Гази Баба пролетната акција ја спроведува од 11-ти април до 17-ти април на територијата на целата општина – објаснуваат градските власти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот