
Отиде во пензија единствениот микробиолог во ЦЈЗ „Куманово“, законски лабораторијата не може да издава резултати!
Единствениот специјалист микробиолог во Центарот за јавно здравје „Куманово“ вчера заминал во пензија, со што лабораторијата не може да издава резултати за пациентите бидејќи нема носител на дејност, дознава „Слободен печат“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Министерството за здравство се обидува да го реши проблемот на начин што ќе го испрати во Куманово микробилогот што сега работи во Институтот за јавно здравје, доктор Дугадин Османи. Но, законски тоа нема да биде возможно, додека ЦЈЗ „Куманово“ не вработи специјалист што ќе биде носител на дејноста.
Микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ „Куманово“ ризикува да ја загуби дејноста, која е од клучно значење поради лабораториските услуги што го опслужуваат не само Куманово, туку и Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце.
Но, ова не е првпат да се случуваат кадровски проблеми во ЦЈЗ „Куманово“. Државниот здравствен и санитарен инспекторат пред една година му забрани на Центарот за јавно здравје „Куманово“ да пружа здравствени услуги во микробиолошката лабораторија затоа што немаше вработено микробиолог, туку тројца специјализанти, што е спротивно на законот.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово на 16 август 2023, при што е констатирано дека во моментот на надзор во микробиолошката лабораторија се вработени тројца доктори на медицина кои се на специјализација по микробиологија и паразитологија. На лекарот специјалист микробиолог по сила на закон заради остварување на пензија на 30 јуни му завршил работниот однос. Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат е издадено решение со кое се наредува установата да не врши микробиолошка лабораториска дејност додека не се обезбеди одговорен носител на дејност“, рекоа тогаш од Инспекторатот за „Слободен печат“.
Резултатите во тој период беа издавани незаконски со потпис само од директорот кој не беше микробиолог, на очиглед на здравствените власти. И тогаш, како и денес, проблемот беше во тоа што двајца врвни микробиолози со децениски стаж заминаа во пензија, а дотогаш ги прегледуваа резултатите во микробиолошката лабораторија во ЦЈЗ „Куманово“.
Историјата се повторува една година подоцна, а како ќе се реши проблемот уште не е познато, особено што доаѓа период на респираторни вируси, ковид, а граѓаните имаат потреба и од други анализи што може да ги верификува само специјалист микробиолог.
Професори по микробиологија велат дека нивната струка е дефицитарна, дека се малку ценети во целата држава иако без нив не може да се изведе ниедна интервенција, детекција на болест или трансплантација. Микробиолозите секогаш се изложени на патогени, платите им се незавидни, па затоа и интересот кај младите доктори да специјализираат микробиологија е низок.
Така, катастрофално е што јавните здравствени институции не планирале навремено, уште пред 10 години, дека ќе останат без специјалисти по микробиологија, па сега се доведуваат во позиција микробиолозите да се пензионираат, а лабораториите да работат надвор од законот и да издаваат потенцијално невалидни резултати.