
Неочекуван пресврт: Отфрлена тужбата на Џастин Балдони против Рајан Рејнолдс и „Њујорк тајмс“
Судот во понеделникот ја отфрли тужбата на актерот Џастин Балдони против Блејк Лајвли и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, вредна 400 милиони долари, во неочекуван пресврт на судскиот процес. Судијата Луис Џ. Лиман го прифати барањето за отфрлање на тужбата, како и засебната тужба на Балдони за клевета против весникот „Њујорк тајмс“, вредна 250 милиони долари, според документи до кои дошол „Пејџ сикс“.
Препорачано
Судијата наведе дека Балдони и неговата продукциска куќа „Вејферер студиос“ не докажале дека Лајвли е одговорна за било какви изјави, освен оние наведени во нејзината пријава до Одделот за граѓански права на Калифорнија, изјави кои се заштитени со закон.
Да потсетиме, Блејк Лајвли во декември 2024 година поднесе пријава против Балдони, обвинувајќи го за сексуално вознемирување за време на снимањето на филмот „Ова завршува со нас“ (It Ends With Us).
Во својата тужба, Балдони тврдеше дека Рајан Рејнолдс, портпаролката на Лајвли, Лесли Слоун, и „Њујорк тајмс“ понатаму го обвиниле за сексуално недолично однесување и воделе клеветничка кампања против него. Сепак, судијата Лиман заклучи дека Балдони не доставил докази дека Рејнолдс, Слоун или весникот се сомневале во вистинитоста на обвинувањата, што е клучно за докажување клевета според актуелното законодавство.
Правниот тим на Балдони има рок до 23 јуни да поднесе изменета тужба во деловите што се однесуваат на прекршување на подразбран договор и попречување на договорни односи.
Адвокатите на Лајвли, Есра Хадсон и Мајк Готлиб, ја поздравија одлуката на судот како „целосна победа“ на актерката.
„Од првиот ден тврдевме дека оваа тужба од 400 милиони долари е неоснована, и судот тоа го препозна“, се вели во нивната изјава.
Тие најавија дека во следната фаза ќе бараат покривање на адвокатски трошоци, тројна и казнена отштета поради „злоупотреба на правниот систем“.
Интересно е што тужбата на Балдони во голема мера се темелела на изјава на новинарот Џејмс Витуска, кој тврдел дека портпарол од тимот на Лајвли му рекол оти Балдони ја „силувал“ актерката. Подоцна, Витуска ја повлекол изјавата и се извинил: „Мислев да кажам дека ја ‘сексуално вознемирувал’. Жал ми е за таа грешка“.