Осврт кон изложбата „12 плус една“ на Сашо Димоски: Портрети со промислено организирана симболика

Промоцијата на книгата „Во главата пишувам расказ“ на писателката Елизабета Баковска и фотографот Сашо Димоски на 16 март во КИЦ беше проследена и со дополнителна самостојна изложба на Димоски со наслов „12 плус една“.

Станува збор за изложба на портретни фотографии што предизвикуваат емотивна реакција кај гледачите поради начинот на кој се направени, како и поради пристапот кон самите субјекти. Тука е, пред сè, одлуката на Димоски да се прикажат лица во напредната возраст, во црно-бела техника.

Тие лица се насликани со огромниот спектар од сиви нијанси што постои меѓу црното и белото, меѓу сенките и светлината. Фотографот решил дека ниедна друга боја не смее да се испречи меѓу него и субјектот на неговата фотографија, за овој вториов да го соголи до самата суштина на моментот забележан на фотографијата.

Фотографскиот портрет (амбиенталниот, студискиот) е и суштински запис на приватните, семејни истории. Портретите на нашите предци во семејните албуми се материјалното сидро на нашите сеќавања, нашата визуелна поткрепа на разбирањето за тоа кои сме и од каде доаѓаме.

Токму во овие генерални рамки, меѓу архивирањето и емоцијата, се сместува изложбата „12 плус една“ на фотографот Сашо Димоски. Како што кажува и самиот наслов, таа се состои од тринаесет портрети: дванаесет на мажи и еден на жена.

Портретната фотографија е една од темите на кои Димоски се навраќа во последниве десетина години, и преку поединечни фотографии и преку изложби, поставени како во виртуелниот, така и во реалниот простор. Портретираните мажи ни се помалку или повеќе познати – тоа се луѓе од најразлични земји, кои зад себе имаат долг минат труд во различни области на културата (фотографија, танц, книжевност, сликарство). Тука се, на пример, српскиот фотограф Томислав Петернек (1933), францускиот сценарист и актер Жан Клод Кариер (1931-2021), сирискиот поет Адонис (1930), босанскиот поет и писател Абдулах Сидран (1944).

Централниот женски лик, пак, е еден од најпрепознатливите во нашиот македонски културен контекст – писателката Оливера Николова (1936). Портретите на изложбата се промислено организирани околу симболиката на броевите дванаесет и (плус) еден. Централната позиција на жената, на едната, единствената меѓу нив, во проектот внесува и дополнителна феминистичка компонента.

Сашо Димоски (1965, Охрид) се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија, пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“, а бил и уредник на фотогалеријата на електронското списание „Блесок“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот