Осврт кон 20. ОФФест: Звук што го менува светот

Јубилејното 20. издание на ОФФест, што се одржа од 9 до 13 ноември во НОБ, донесе музика од три континенти во три концертни вечери со широк звучен дијапазон.

Фестивалот што во изминатите 20 години овозможи во Скопје да ги видиме и слушнеме светските музички имиња, како Дејвид Брн, „Мадредеус“, „Меркури рев“, „Готан проект“, „Генг оф фор“, Пети Смит, Анушка Шанкар, Мулату Астатке, Басеку Кујате и уште стотина изведувачи од целиот свет, годинава селекцијата на музичките гости не ја направи според звучноста на името, туку според музичкиот концепт. Така, меѓу учесниците во програмата беа автори кои, можеби, не се многу познати кај македонската јавност, но затоа беше понуден квалитетен, разновиден, издржан и, пред сѐ, современ музички концепт.

Повеќе години наназад практика на ОФФест е да прикаже и документарен филм поврзан со некој од гостите на фестивалот или со земјата од каде доаѓа. Почетокот на фестивалот, на 9 ноември, беше во знак на сеќавањето на делото на големата португалска пејачка легенда и култна кралица на фадото, Амалија Родригез (1920-1999). Филмот на класичен начин го следи музичкиот пат на Родригез, но истовремено ја трасира и патеката по која фадото го доживеало својот развој, не само во Португалија, туку и низ светот каде што познатата пејачка настапувала.

Дуо Лина и Раул Рефри

Филмот беше одличен вовед кон перфектното звучно и визуелно доживување со настапот на дуото Лина и Раул Рефри, кои понудија една сосема нова, електронска форма на португалското фадо. Со однапред подготвена звучна и светлосна драматургија на настанот шпанско-португалското дуо покажа дека фадото не се само тажни песни, туку долгосвиречки поеми, кои тие ги врамија во електронски формат.

Изненадувачки добар настап имаше словенечкото трио „Широм“

Втората фестивалска вечер, на 11 ноември, донесе уште „пошарен“ звук. Изненадувачки добар настап имаше словенечкото трио „Широм“, кое се распосла, речиси, низ целата сцена на НОБ со многубројни стандардни и необични жичани, дувачки и удирачки инструменти што произведуваат егзотичен звук. Нивната музика не трпи никаква квалификација, иако некои ја нарекуваат „имагинарен фолклор“. Во основата на нивната инспирација е природата, а нивните прилично долги композиции имаат медитативен карактер. Во истата вечер звукот од Бразил, поточно од Сао Паоло, го донесоа гитаристот Кико Динучи и вокалната солистка Јусара Марсал, кои го претставија албумот „Растиљо“.

Пијан Славеј беше следен од четворица извонредно талентирани македонски музичари

На последната вечер, на 13 ноември, во Националната опера и балет настапија нашиот Пијан Славеј и камерунскиот гитарист и вокалист Блик Баси. Вокалниот солист и текстописец на битолскиот бенд „Фолтин“, Бранислав Николов, за првпат во концертно издание го претстави своето алтерего Пијан Славеј. Следен од четворица извонредно талентирани македонски музичари изведоа седум нумери како влог кон првото албумско издание. Наизменично изведувајќи песни со брзо и со бавно темпо, на сцената со Пијан Славеј настапија неговиот колега од „Фолтин“, Пеце Трајковски, како и Мартин Џорлев на синтисајзер, Андреа Мирческа на контрабас и Мартина Баракоска на тапани.

Музиката на Блик Баси испраќа пораки против колонијализмот и неоколонијализмот

Камерунскиот гитарист и вокалист, Блик Баси, со промоцијата на својот албум „1958“ и неговите емотивно и политички набиени стихови, настапи на крајот од јубилејното издание на ОФФест. Музиката на Баси испраќа пораки против колонијализмот и неоколонијализмот, кои во поинаква форма се враќаат на светската сцена. Всушност, сите музичари што ги ставаме во категоријата „музика на светот“, секој на свој начин, го креваат својот глас за да поттикнат некаква промена на подобро во светот во кој живееме. На неговиот настап беше придружен од трубачот, сајзерист и помошен вокал, Арно де Казанова.

Различните звуци на „музиката на светот“ уште еднаш го потврдија цврстиот концепт што ОФФест го изгради во овие две децении. Музичката историја создадена со минатите изданија на фестивалот е силна поткрепа за понатамошно истражување на звукот што ќе го донесе следната деценија.

Фотографии: ОФФест / Татјана Ранташа

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот