
Освежителен и вкусен: Рецепт за колач со лимон кој бргу ќе го направите
„Лемон лаш“ е популарен американски десерт што ќе ви го разубави летото. Се состои од четири слоја – подлога од кршени бисквити, кремаст слој со сирење, лимон пудинг и пенест шлаг на врвот, пишува „Пун кофер“.
Препорачано
Комбинацијата на слатко и кисело е совршена: путерастата подлога дава стабилност, кремот од сирење и лимон внесува свежина, а шлагот го заокружува вкусот. Најдобро од сè, не ви треба рерна!
Ако не можете да најдете инстант пудинг од лимон (кој не бара варење), можете да сварите обичен пудинг, добро да го изладите и да го искористите. За рендана кора од лимон користете само органски лимони, ако немате – слободно прескокнете ја.
Потребни состојки:
- 750 мл слатка павлака (за шлаг)
- 720 мл полномасно млеко
- 500 г чајни бисквити
- 450 г крем-сирење на собна температура
- 200 г шеќер во прав
- 120 мл растопен путер
- 45 мл свеж сок од лимон
- 2 инстант пудинга од лимон (по 96 г)
- 2 мали лажички рендана кора од лимон
- Кришки лимон за декорација
Подготовка:
Постелете хартија за печење на правоаголен плех.
Измелете ги бисквитите (со сечко или рачно) и измешајте ги со растопениот путер. Притиснете ја смесата на дното од плехот за да добиете цврста подлога и ставете ја во замрзнувач 10 минути.
Изматете го крем-сирењето со дел од шеќерот во прав, сокот и кората од лимон додека не добиете мазна и густа смеса.
Во друг сад изматете ја слатката павлака со преостанатиот шеќер додека не се добие цврст шлаг. Една чаша од шлагот измешајте ја со кремата од сирење и премачкајте врз подлогата. Повторно ставете го колачот во замрзнувач 10 минути.
Изматете го прашокот за пудинг со млекото додека не стане густ и рамномерен. Намачкајте го пудингот врз претходниот слој и ставете го колачот во фрижидер околу 15 минути.
Остатокот од шлагот намачкајте го одозгора, па оставете го колачот во фрижидер најмалку 4 часа или преку ноќ.
Пред сервирање, исечете го на коцки и декорирајте со свежи кришки лимон.