Фото: Центар за истражување на предисторијата

Остатоци од најстарите леќа и грашок во Европа пронајдени на локалитетот во Пелагонија

Според археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, детектирани се остатоци од повеќе мешункасти плодови и житарици. Нивното датирање со помош на радиокарбон анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на 7-от милениум п.н.е. што ги прави овие остатоци од Влахо најстари досега датирани леќа и грашок во Европа, информира Центарот за истражување на предисторијата.

-Остатоците од леќа, грашок и житарици откриени се при археолошкото истражување на локалитетот Влахо кај Живојно во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј Битола. Со примена на археоботаничките и радиокарбон анализи во Универзитетите во Базел, Белград, Севиља и Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8 300 години. Во текот на овие истражувања се посочува и на тоа дека житариците и афионот откриени на Влахо се исто така едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи, соопштија од македонскиот Центар за истражување на предисторијата.

Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија.

Како што се наведува во соопштението, исхраната се адаптирала на климатските разлики во регионот, така што во голема мера се конзумирал грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и за можна подготовка на пиво.

Посевот најчесто се жнеел во пролет, додека еднозрната пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија. Резултатите од овие археоботанички истражувања се публикувани во Vegetational History and Archaeobotany, кое е едно првите десет археолошки списанија со највисок импакт фактор во светот. Тоа воедно ги потврдува научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и житариците, се нагласува во соопштението на истражувачите Амалиа Сабанов, Феран Антолин, Раул Сотерас, Ирка Хајдас и Гоце Наумов, раководител на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија.

Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонскиот неолит во поширок европски контекст, а досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и презентирани на разни предавања и конференции во Европа и САД, што воедно ја прават Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот