
Осомничена претседателката на ДКСК – случај што бара поголема претпазливост кон функционери
Татјана Димитровска, актуелна претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), е под истрага на оние на кои некогаш им правела ревизија – Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција!
Препорачано
Димитровска е осомничена дека непосредно по назначувањето за претседател на ДКСК, поточно од мај до декември минатата година, на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и сопственик на една од обвинетите фирми во случајот „Адитив“, им одавала тајни информации преку Вибер и Вотсап за поведени постапки, за отворање на предмети, како и податоци за проверка на имотот.
– Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК, од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице, обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Вотсап му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“ и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија, таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК – соопшти Обвинителството.
Останува на чело на Антикорупциска
Откако Кривичниот суд ѝ определи мерки за претпазливост, односно и го одзеде пасошот за да не бега, Димитровска не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а не може ниту да гласа, ниту пак да распоредува предмети, објаснуваат од Обвинителството.
Од ДКСК велат дека Комисијата продолжува да функционира редовно, а Димитровска формално останува претседателка.
– Согласно член 15 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси кој вели „во случај на спреченост на претседателот на државната комисија, државната комисија ја претставува и застапува заменик-претседателот на државната комисија, избран согласно со одредбите на овој закон – велат од Комисијата за „Слободен печат“ и досега не доставила оставка.
Димитровска при изборот на функцијата добила максимален број бодови од пратениците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од Демократско движење, кои беа во собраниската Комисија за селекција на кандидатите. Со тоа, таа беше прва на ранг-листата на кандидатите. Четворица од членовите на Комисијата за селекција од партиите ѝ дале максимални 100 бодa, од претставникот на Народниот правобранител, Јован Андоновски, добила 97 бода, додека од двајцата претставници од невладиниот сектор, Снежана Камиловска-Трповска и Никола Додов, добила по 20 бода. Камиловска имаше и издвоено мислење за нејзиниот избор.
Во изјава за „Слободен печат“ Камиловска вели дека очигледна била оркестираноста и политизираноста на процесот на селекција.
– Издвоеното мислење кое го имав како член на Комисијата за селекција се однесуваше на тоа дека согласно бодовите што се дадоа и кои се јавно достапни, можат сите да ги видат, наспроти интервјуата кои ги имаа сите кандидати, во тој момент тенденциозен беше начинот на гласање на останатите членови на Комисијата за селекција и поради тоа очигледна беше оркестираноста и политизирањето на самиот процес што беше еден од основните постулати да се избегне во моментот кога се креираше ова законско решение – вели Камиловска.
Таа порачува дека не може да се врзува значењето на една институција со личностите.
– Институцијата како таква е исклучително значајна во правниот систем во нашата држава кога корупцијата е перципирана како проблем број еден во државава, кога меѓународни институции констатираат во нивните извештаи дека многу се уназадува во делот на корупцијата. Исклучително е значајно функционирањето на ДКСК, особено тоа што треба да воспостави еден ефикасен систем за превенција, и соодветно на тоа, и репресијата и судирот на интереси. Институцијата не треба да се идентификува со личности, но тоа што е особено значајно е што личностите кои се во таа институција, имајќи предвид дека, покрај претседателката на ДКСК, тоа е сепак едно колективно тело od седум члена, треба да бидат лица со интегритет кои ќе бидат спремни да излезат над партиските интереси – вели таа.
Ивановска: Вистината е како шило
Поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, непосредно по приведувањето на Димитровска, порача дека Собранието кое е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела.
– Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата. Меѓутоа, мене ми е многу тешко за институцијата, за реномето на институцијата којашто, навистина, знаете колку многу труд вложивме за да ја изградиме. За да ја изградиме довербата кај граѓаните, дека еве, има една независна институција во која можат да се обратат, да дадат претставки, да поднесат предмети. Во секој случај, ќе кажам дека е многу, многу непријатно чувство. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам, но како и да е, во секој случај Собранието сега е тоа кое ги избира кандидатите за членови на Комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела – рече Ивановска гостување на телевизија Телма.
Новиот состав на ДКСК, на чело со Димитровска од почеток беше мета на критики откако се прогласи за ненадлежна за ТОЕФЛ – сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за образованието на сегашната директорка на Агенцијата за разузнавање и обидите да ја намали транспарентноста на алатките за борба против корупцијата.
Како ревизор минала „сито и решето“
Димитровска, искусниот овластен државен ревизор со над деветнаесет години работно искуство, како што пишува во биографијата на актуелната претседателка на Антикорупциска, од 2021 година му била и помошник на главниот државен ревизор, Максим Ацевски, но за неполна година на чело на ова тело коментарите на стручната фела се дека ја променила Антикорупциска во Корупциска комисија.
Таа правеше ревизија на поранешното Специјално јавно обвинителство, на Државната изборна комисија, на ДКС, на Јавното обвинителство, ревидирала и политички парти, учесници во изборните кампањи, агенции, регулаторни тела, но „падна“ во истрага на оние на кои им правела ревизија, во овој случај Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.