
Османи во Вашингтон со уверување до Шоле: Посветени сме на уставните измени
Приоритетите на Програмата на Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ е темата на која министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе говори Хелсиншката комисија во Претставничкиот дом во Вашингтон.
Препорачано
Како што соопшти МНР, меѓу приоритетите најголем фокус е ставен на луѓето на терен во загрозените подрачја, како Украина, Молдавија, Југоисточна Европа, но исто така и на останатите прашања како што е борбата против корупцијата, еколошките предизвици, промовирање на човековите права и основните слободи, демократијата итн.
Хелсиншката комисија, инаку е американска владина комисија која ги промовира човековите права, воената безбедност и економската соработка во 57 земји во Европа, Евроазија и Северна Америка.
Претходно Османи во Вашингтон имаше средби со Венди Шерман, заменик државен секретар на САД, како и со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот.
Со Шерман, Османи разговарал за најприоритетните прашања во однос на работата на ОБСЕ, како и за други теми кои се важни во ОБСЕ регионот. Воедно, нотирајќи го 15-годишниот јубилеј од воспоставеното стратешкото партнерство со САД, го реафирмираа задоволството од успешниот Стратешки дијалог лансиран минатата година, како значајно унапредување на билатералните односи.
– Проектите и областите договорени во рамки на Стратешкиот дијалог со САД веќе се дел од владината програма за работа, во насока на зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција, рече Османи на средбата со Венди Шерман.
На средбата со Дерек Шоле, освен за претседавањето на Македонија со ОБСЕ и Јадранската повелба, се разговарало и за регионалната динамика и евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.
– Благодарни сме за континуираната поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Ваквиот чекор претставува значаен влог во зачувувањето на стабилноста и напредокот на целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици. Остануваме посветени на исполнување на обврската за уставни измени во земјава со цел непречен тек на процесот на преговори со ЕУ, изјавил Османи.
Исто така, на средбата било поздравено сојузништвото во рамките на НАТО, при што била нагласена поддршката на Украина и украинскиот народ, заемните заложби за зачувување на демократските вредности, како и силна осуда за руската воена агресија.
Во рамки на својата посета на Вашингтон, Османи се сретнал и со Ерин МекКи, помошник администраторот на УСАИД за Европа и Евроазија и со Ендру Херсковиц, прв главен директор за развој во Меѓународна финансиска корпорација за развој на САД (DFC). На овие средби се разговарало за американската поддршка за реформите во образованието, правдата, јавната администрација и економијата, како и за можностите за соработка во развојни проекти.