
Османи во Украина: Потребна е итна акција за да се стави крај на безумието
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во улога на претседавач со ОБСЕ, во рамките на денешната посета на Украина го посети градот Бородјанка во киевската област кој беше цел на руските напади и порача дека е потребна итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна.
Препорачано
– Во вооружените дејствија од страна на Русија разрушени се училишта, болници и друга државна инфраструктура која, за жал и понатаму се оштетува или уништува. Сите ние кои даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот – изјавил Османи за време на теренската посета меѓу урнатини, уништени станбени згради и институции.
Истовремено, како што соопшти МНР, тој изрази жалење за сите невини жртви и илјадници Украинци кои мораа да ги напуштат своите домови како би ги избегнале разорувачките последици од руската воена агресија.
Османи исто така го осуди нападот на станбена зграда во Днепар, каде пред два дена загинаа повеќе од 40 лица, и над 70 ранети.
– Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна – оцени Османи.
Според него, неиспровоцираната агресија е кршење на меѓународното право, потенцијална закана за регионот, но и извор на страв и несигурност за цел свет, а ОБСЕ ќе ги искористи сите механизми и алатки да помогне во напорите да се стави крај на, како што вели, ова страдање и уништување.
– Пустошот предизвикан од воената агресија врз Украина длабоко ме потресува. Уништувањето на виталната инфраструктура и страдањето на украинскиот народ мора да запре. Потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна. Мораме да работиме да престане страдањето, а потоа да ги обновиме овие уништени области – додава Османи.
Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ, како што порача, ќе се залага да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина, а комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа какви ќе бидат кон принципите и заложбите на Организацијата, за што тој нема да дозволи никакви компромиси.