Бујар Османи / фото: ТВ21 / скриншот

Османи: Чаир ќе добие виртуелен музеј, нови фестивали и културен центар

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, тврди дека неговата програма предвидува ревитализација на Чаршијата со обновени фасади, калдрма и осветлување, отворање Културен центар и поддршка на занаетчиството и туризмот преку настани, субвенции и преку промоција на локалната гастрономија.

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денеска го претстави својот проект „Чаир, Културен центар на Скопје“, чијашто цел е Чаир да стане културна престолнина на градот и симбол на мултикултурализмот, традицијата и на современото творештво, соопшти ДУИ.

– Ова не е трошок, туку најголемата инвестиција во иднината на Чаир и на целото Скопје – истакна Османи.

Програмата предвидува ревитализација на Чаршијата преку обновување на фасадите, калдрмата и осветлувањето, како и создавање Културен центар со изложби, занаетчиски работилници и туристички активности. Во рамки на проектот се планира и организација на „Денови на Балканските чаршии“, со учество на градови од регионот како Призрен, Ѓаковица, Шкодра, Гирокастра, Мостар и Сараево. Посебно внимание ќе биде посветено на поддршка на занаетчиите и развојот на туризмот, преку субвенции, брендирање традиционални производи и промоција на локалната гастрономија, се наведува во соопштението на партијата.

Културниот живот во Чаир ќе се збогати со нови фестивали и настани, се додава, меѓу кои и „Doku n’Shkup“, два месеца исполнети со филм, музика и култура, како и фолклорен фестивал за учениците од општината. Воедно, проектот предвидува и инвестиции во младите преку стипендии за талентирани ученици и студенти, субвенции за музички инструменти, модерно опремени кабинети по музика и изградба на современа читалница достапна за сите граѓани.

Како новитет, ќе се воспостави Виртуелен музеј на Чаир, дигитална архива со историја, фотографии и лични сеќавања на жителите, кој ќе овозможи зачувување и достапност на културното наследство, се вели во соопштението на ДУИ и се додава дека во план е и изградба на современ и инклузивен објект со сали за театар, концерти, изложби и за младински активности.

– Чаир има потенцијал да биде не само општина, туку и симбол на културната ренесанса на Скопје. Ќе инвестираме во културата, уметноста и младите, затоа што тие се гаранција за иднината. Со „Чаир, Културен центар на Скопје“ ќе изградиме средина каде што традицијата и современоста ќе се спојат во едно – порача Бујар Османи.

Со овој проект, Чаир ќе стане живо срце на културниот живот на Скопје, место каде што историјата, современоста и иднината ќе се сретнуваат и ќе отвораат нови перспективи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот