Фото: EPA-EFE/Sebastien Nogier

Оскаровецот Роберт де Ниро ќе ја добие почесната Златна палма на годинашниот Кански филмски фестивал

Легендарниот актер Роберт де Ниро, кој последен пат прошета по црвениот тепих во Кан во 2023 година по повод филмот „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе, оваа година се враќа на француската ривиера во посебна улога.

Имено, на церемонијата на отворањето на 78. издание на Канскиот филмски фестивал, што ќе се одржи на 13 мај, на Де Ниро ќе му биде врачена почесната Златна палма за неговиот извонреден придонес во кинематографијата. Еден ден подоцна, холивудскиот гигант ќе одржи и мастерклас во театарот „Дебиси“, каде што ќе ги сподели своите искуства со публиката, пренесува „Еуроњуз“.

„Имам посебни чувства за фестивалот во Кан. Денес, кога толку многу работи во светот нè разделуваат, Кан нè зближува – раскажувачи, филмски режисери, обожаватели и пријатели. Како да се враќаме дома“, рекол актерот.

Де Ниро има долга и богата историја со Канскиот филмски фестивал. Тој беше претседател на жирито во 2011 година, а во 1976 година учествуваше со два филма во официјалната конкуренција – „Дваесеттиот век“ од Бернардо Бертолучи и „Таксист“ од Мартин Скорсезе, кој ја освои Златната палма, таа година.

Тој го отвори фестивалот во 1982 година со филмот „Кралот на комедијата“, а следната година го претстави „Си беше еднаш во Америка“, последниот филм на Серџо Леоне. Тој се врати во Кан со филмот „Мисија“ од Роланд Жофе, кој исто така ја освои Златната палма.

Овогодинашниот фестивал во Кан ќе се одржи од 13 до 24 мај, а претседател на жирито ќе биде француската актерка Жилијет Бинош, која на таа позиција ја наследува Грета Гервиг. Ова е само вторпат во историјата на фестивалот жирито да го предводат жени две години по ред – претходниот пат тоа се случи во 1966 година, кога Софија Лорен ја презеде улогата на претседател од Оливија де Хавиланд.

ВИДЕО | Роберт Де Ниро откри што мора да прави секое утро за својата двегодишна ќерка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот