
Ориент Експрес ја менува својата рута: По 41 година повеќе нема да тргнува од Лондон
Познатиот Ориент Експрес, луксузниот воз кој најмногу се поврзува со криминалистичкиот роман на Агата Кристи, уште еднаш ја промени својата рута која ќе биде пократка за три часа. Овој пат Велика Британија повеќе не е на неговата листа, пишува „Национална географија“.
Препорачано
Еден од најпознатите возови во светот по 41 година повеќе нема да тргнува од Лондон бидејќи операторот на модерниот Ориент експрес одлучи да го откаже британскиот дел од рутата поради Брегзит.
Луксузниот воз патувал низ Британија меѓу Лондон и Довер, а потоа патниците се префрлале во автобуси и со траект преку каналот Ла Манш се превезувале до Кале во Франција, каде што патувањето продолжувало до Париз и потоа до Истанбул.
Патувањето низ Велика Британија траело околу три часа.

Луксузниот хотел на тркала, кој ја инспирираше крими романсиерката Агата Кристи да го напише нејзиниот познат роман „Убиство во Ориент Експрес“, го поврзува Париз со Истанбул од крајот на 19 век.
Со текот на годините, рутите се менуваа, а една од најпопуларните беше онаа штотуку споменатата од Париз до Истанбул и онаа што ги поврзува Лондон и Венеција.
Ориент Експрес беше и остана познат по својот луксуз и елеганција. Внатрешноста на возот ја дизајнирале врвни дизајнери, а просторот е направен од скапи материјали како ореово дрво, кристал и злато. Патниците можат да уживаат во храна и пијалок со врвен квалитет и во различни услуги, како што се кројачи и фризери.

Првото возење е реализирано во 1883 година, а на него патувале многу познати личности, како Винстон Черчил, Агата Кристи и Ернест Хемингвеј.
Поминал низ бројни европски земји, а патувањата се разликувале по рутата, времетраењето и луксузот.
Со текот на времето, името Ориент Експрес почна да се користи за возови на различни оператори и линии, а од 1980-тите патниците можеа да го започнат своето патување во Лондон и да продолжат до дестинации како што е Венеција. Цените на апартманите во колите за спиење и луксузните понуди на рестораните чинат илјадници фунти по патник.