Орбан: Она што се случува во Брисел и Вашингтон може да се опише како подготовка за влез на Европа во војна

Виктор Орбан / Фото EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека во Брисел се во тек подготовки на работни групи за тоа како НАТО би можел да учествува во руско-украинската војна и дека постојат алармантни сличности меѓу овој и периодот кога се вршеле подготовки за Првата и Втората светска војна..

Она што се случува денес во Брисел и Вашингтон, или во моментов повеќе во Брисел отколку во Вашингтон, создава расположение за можен воен конфликт, што би можеле да го опишеме како подготовка за влез на Европа во војната, рече тој.

Во врска со ситуацијата на Унгарија во тој контекст, Орбан рече дека Унгарија како членка на НАТО има претставници во тие групи, „но ние не сакаме да учествуваме во конфликтот, ниту со финансиски придонес, ниту со испраќање оружје, дури и во НАТО“.

Во историјата на НАТО, никогаш немало ситуација кога една земја-членка би се придржувала толку отворено и јасно до основните принципи на НАТО како што тоа го прави Унгарија сега, изјави Орбан за Косут радио, додавајќи дека Унгарија затоа мора „да ги редефинира своите позиции во воениот сојуз“.

Тој додаде дека стравувањата дека Русија ќе нападне членка на НАТО се неосновани, додавајќи дека војната во Украина, која трае веќе три години, ги покажала границите на руските можности.

Руската армија води сериозна и тешка војна со Украинците“, рече Орбан во интервју за јавното радио. „Ако Русите беа доволно силни да ги победат Украинците во еден потег, тие веќе ќе го направеа тоа.

Орбан рече дека воените капацитети на НАТО далеку ги надминуваат оние на Украина, па затоа е малку веројатно Русија или која било друга земја да го нападне НАТО.

Не сметам дека е логично Русија, која не може ниту да ја победи Украина, одеднаш да дојде и да го проголта целиот западен свет. Шансите за тоа се исклучително мали, рече Орбан.

Орбан рече дека го смета споменувањето на руската закана како увертира за подлабоко вмешаност на Западот во украинската војна.

Унгарија, членка на Европската унија и НАТО, одбива да и обезбеди воена помош на Украина во одбрана од руската инвазија која започна во февруари 2022 година. Будимпешта, исто така, сака да се повлече од долгорочниот план на НАТО за помош на Украина, а нејзиниот министер за надворешни работи го нарече „луда мисија“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот