Општините отворени за идеи и предлози: Граѓаните мора да знаат за што ќе се трошат пари во 2024 година

Фото: Општина Бутел

Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, но исто така и проектите што ќе се планираат со буџетски пари во наредната година да ги задоволуваат нивните потреби и да обезбедуваат развој на општината и хумано живеење, тврдат од општините.

Во периодот кога се подготвуваат општинските буџети за наредната 2024 година, се конципираат програмите, се определуваат приоритетите и проектите, повеќето скопски општини решија во креирањето на буџетот да ги вклучат граѓаните, секоја од нив повикувајќи се на транспарентноста во својата работа.

Локалните власти тврдат дека граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, но исто така и проектите што ќе се планираат со буџетски пари во наредната година да ги задоволуваат нивните потреби и да обезбедуваат развој на општината и хумано живеење.

Во изминатата година работевме плански и онака како што граѓаните нè упатија преку своите проблеми и потреби. Тоа е вистинскиот начин преку кој можеме реално и постојано да бидеме во контакт со нашите сограѓани и да ги решаваме нивните проблеми. Како и изминатата година, така и оваа, ќе креираме нов буџет на Општина Ѓорче Петров, кој ќе биде составен од многубројни капитални проекти, но исто така ќе изобилува со идеи и проекти произлезени директно од нашите граѓани – посочи градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Граѓаните од Ѓорче Петров своите идеи можат да ги достават со пополнување формулар во Општината или истиот формулар да го пополнат електронски преку официјалната веб страницата на Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и претставници од општинската организација во изминатиов период организираа средби со граѓани од повеќе населени места каде што лично ги слушнаа предлозите, потребите и беа информирани за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Тие веќе одржаа средби во Стајковци, Страчинци, Брњарци, Црешево, Виниче, Смилковци, Булачани и Раштак, со жителите на Хиподром, Ченто, Питу Гули – Инџиково, Сингелиќ и Крсте Мисирков, како и со граѓаните од Автокоманда, Керамидница, Железара, Триангла, Маџари 1 и Кирил Петрушевски. Како што информира Стефковски, на одржаните средби се нотирани 1614 предлози и идеи од граѓаните, а средбите се одржале под мотото „Граѓаните одлучуваат“.

Секој проблем со кој се соочуваат граѓаните заслужува и решение. Преку посветена работа и континуиран дијалог со граѓаните, проблемите ќе успееме да ги надминеме – вели градоначалникот на Гази Баба.

И Општина Бутел сакаше да ги слушне мислењата на своите жители, кои беа поканети во општинските простории да ги споделат своите предлози за Буџетот.

Собирајќи квалитетни идеи, креираме квалитетен буџет заедно со сите граѓани на нашата општина. Слушнавме навистина одлични и конструктивни идеи, во областа на спортот, образованието, културата, инфраструктура. Голем дел од тоа што денеска го слушнавме сигурни сме дека ќе биде реализирано – соопшти градоначалникот Дарко Костовски.

Освен на средбата во Општината, граѓаните своите предлози, идеи, решенија, сугестии за подобра, модерна и стабилна Општина Бутел, можат да ги достават и во архивата на Општината, на телефонскиот број 075274421, како и на мејлот info@opstinabutel.gov.mk . За првпат беа организирани и тимови од локалната администрација што ги посетуваа домаќинствата и разговараа до граѓаните.

Од Општина Кисела Вода најавија дека и годинава продолжуваат да се движат во насока на целосно транспарентно и отчетно раководење со општината.

Работејќи во постојана комуникација со нашите жители досега реализиравме бројни проекти кои им беа приоритетни, на кои чекале и по 30 години и за кои никој претходно немал слух. Сега, кога сме во подготовки на новиот Буџет за 2024 година, повторно ги користиме сите механизми за да им дадеме глас на нашите жители и да им овозможиме и тие рамноправно да учествуваат во неговото креирање – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој соопшти дека е отворен штанд за идеи каде што веќе се доставени десетици анкетни ливчиња со предлози од жители, такви прашалници се достапни и во архивата на општината, а граѓаните своите идеи можат да ги достават и електронски на електронската адреса tvojaideja@kiselavoda.gov.mk.

Зелени градини и интерактивни паркови за секое училиште, пристапна рампа во училиштето „Димитар Миладинов“ за деца со посебни потреби, дигитализација во градинките, побараа граѓаните кои учествуваа на првата форумска сесија за планирање на буџетот за 2024 на Општина Центар. Тие предложија изготвување онлајн туристички водич, поставување „лежечки полицајци“ на фреквентните улици, уредување на просторот кај Зелено пазарче до поранешен „Коктел бар“, замена на плочникот и поставување изолација за да се заштитат подземните гаражи, а побараа и уредување на паркот во Капиштец, на потегот од ТЦ „Зебра“ кон ТЦ „Беверли Хилс“, но и нов зелен кров на градинката „Кочо Рацин“.

Од Општина Центар информираат дека преку овие форуми граѓаните се вклучуваат во креирањето и реализацијата на програмите и стратегиските планови. На првата сесија, градоначалникот Горан Герасимовски направи пресек на сработеното во изминативе две години и ги повика жителите на Центар со свои предлози да придонесат за креирање на поквалитетен и подобар живот во општината.

Во изминативе две години се фокусиравме на реалните потреби на жителите на Центар. Се насочивме кон современо и инклузивно образование, нови паркинг-места, енергетска ефикасност, чиста животна средина, квалитетна инфраструктура, развој на културата и спортот. Принцип на нашата работа е да имаме редовна комуникација со граѓаните и затоа сме на врвот меѓу локалните самоуправи по транспарентност и квалитетно работење – рече Герасимовски на форумот.

Градоначалникот ги посочи и приоритетите за наредната година, меѓу кои целосна реализација на градинката „Пролет“ чија изградба е во тек, изградба на монтажна гаража во Капиштец, како и реконструкција на уште 14 улици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот