
Општините нема како Чаир, преку разглас да повикуваат на седење дома, нивните граѓаните биле дисциплинирани
Од Општина Чаир во изјава за Слободен печат велат дека Советот формиран за итни случаи ја донел ваквата иницијативата со цел зголемување на свеста кај населението.
Жителите на Чаир вчера ги изненади автомобил кој преку мегафон апелираше до граѓаните да останат дома, за да не се шири вирусот Ковид 19. Преку разглас, на граѓаните им се повторуваше:
Препорачано
-Драги граѓани ве молиме останете дома, не излегувајте без потреба. Одржувајте ја хигиената и следете ги инструкциите од Владата. Нема место на паника.
Од Општина Чаир во изјава за Слободен печат велат дека Советот формиран за итни случаи ја донел ваквата иницијативата со цел зголемување на свеста кај населението.
– На иницијатива на Општина Чаир, Советот формиран за итни случаи донесе одлука преку разглас да ги мотивира граѓаните да останат дома, односно да ги почитуваат препораките со цел спречување на ширењето на Коронавирусот. Вчера првпат автомобилот со мегафон излезе низ населбите во општината, а и денес како и во наредните денови, по работното време, повторно ќе биде низ улиците во Чаир – нѝ одговорија од општината.
Од таму велат дека целта на ваквата акција е да се подигне свеста кај населението, да не се излегува без потреба, а реакциите според нив се позитивни и охрабрувачки да се продолжи со ваквиот тип на мотивација.
Што преземаат другите општини за да ги мотивираат граѓаните да останат дома?
Останатите скопски општини нема да го следат примерот на Општина Чаир. Од општина Центар ни одговорија дека граѓаните се дисциплинирани и нема потреба од дополнителна мотивација.
– Граѓаните на Општина Центар се дисциплинирани, ги следат препораките од Владата и не излегуваат надвор, што значи дека нема потреба преку разглас да ги потсетуваме. Инаку инспектори од општината, заедно со инспектори од Државен пазарен инспекторат и СВР
Скопје, се постојано на терен и ги предупредуваат граѓаните доколку забележат групирање – велат од Центар.
Од Општина Ѓорче Петров велат дека идејата на Општина Чаир е убава, но тие досега не размислувале да преземат слична акција.
– Го видовме автомобилот со мегафон кој ги потсетува граѓаните од Чаир да останат дома. Изгледа интересно, ние не сме размислувале за ваква акција. Можеме да кажеме дека значително е намален бројот на граѓани излезени во парковите, и тоа не уверува дека поголем број од граѓаните ги почитуваат мерките од Владата – изјавија од Ѓорче Петров.
Од Аеродром велат дека вчера бил одржан координативен состанок во врска со насоките и препораките на Комисијата за јавно здравје и Министерството за здравство.
– Не е предвидено пуштање разглас, граѓаните ги почитуваат мерките, велат од Аеродром.
Дел од општините работат со скратено работно време, се дезинфицираат детските игралишта и училишта
– Архивата во Ѓорче Петров не работи, освен ако се работи за случаи врзани со рокови. Останатите се упатени да контактираат електронски. Приемниот ден на градоначалникот е укинат – ни рекоа од општината.
Во Центар архивата работи со скратено работно време, од 9-14 часот, додека во Кисела Вода работат со полно работно време. Во Аеродром пак, архивата работи, но не прима странки. Граѓаните ги добиваат своите услуги по електронски пат или преку пошта. Приемниот ден е укинат и во Кисела Вода. Во Чаир пак, архивата работи со полно работно време, но од општината велат дека се преземаат сите мерки за заштита на вработените.
И другите општини информираат дека имаат преземено мерки за зголемена хигиена и заштита на вработените. Во Аеродром е воведена телефонска линија 070/297–140 на која граѓаните ќе можат да побараат помош за набавка и достава на прехранбени производи и достава на лекови. На истиот број е достапна и комуникација преку Вибер и Вацап, а во соработка со Црвен крст формирани се тимови за помош и поддршка на стари и изнемоштени лица, лица со попреченост и лица што се наоѓаат во самоизолација, за набавка на храна, средства за хигиена и снабдување со лекови.
– Се прскаат сите автобуски постојки, детски игралишта, спортски игралишта, рачките на контејнерите со средство за дезинфекција, а на управителите на станбените згради им се препорачува да почнат со дезинфекција на заедничките простории и лифтови на сите станбени згради на територија на Општина Аеродром, велат од оштината.
Од Кисела Вода велат дека се дезинфицираат училиштата.
– Центарот за јавно здравје спроведува голема акција за дезинфекција во сите детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на територијата на Општина Кисела Вода, велат од таму и дополнуваат дека на сите детски и спортски игралишта има ознаки да не се користат.