
Оперирале ли докторите Лазовиќ, Чубрило и Алексиќ на Кардиохирургија без лиценца?!
Откако министерот за здравство Илир Демири во јавноста ја пласираше информацијата дека на Клиниката за кардиохирургија работеле доктори од странство, односно од Србија, кои немале задолжителна лиценца од Лекарската комора на Македонија, Слободен печат се обрати во Лекарската комора и оттаму потврдија дека нивните имиња не фигурираат на списокот на доктори за кои ЈЗУ Клиника за кардиохирургија побарала привремени лиценци.
Препорачано
Слободен печат праша дали овие тројца лекари што синоќа ги спомена Демири (доктор Алексиќ, доктор Чубрило и доктор Лазовиќ) од Србија имале лициенца во Македонија за подолг временски период, од 2022 година наваму и одговорот од Лекарската Комора е негативен.
Од 2022 година до сега во Лекарската Комора изготвени се времени лиценци за работа на 14 доктори од странство на Клиниката за кардиохирургија. Конкретните имиња за кои прашувате ги нема во оваа евиденција. Од овие 14 лиценци во моментов важечки се 7 лиценци, велат од Лекарската Комора за Слободен печат.
Но, дали овие лекари инаку кардиохирурзи од Србија се појавиле на ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, како што тоа вчера го наведе Демири? Ова прашање му го поставивме на разрешениот директор на клиниката, доктор Марјан Шокаровски, но одговор до објавувањето на овој текст нема.
Прашањата што ги поставивме се:
Дали имало доктори Алексиќ, Чубрило и Лазовиќ што без лиценца работеле на Државна Кардиохирургија, имале ли лиценца од ЛК, дали некогаш оперирале на кардиохирургија, односно во каква улога биле на Клиниката ако биле и во кој период?
Демири во остар настап на телевизија Телма рече дека на државна Кардиохирургија има зголемена смртност и тоа на кардиохируршките интервенции (а не на васкуларните), дека клиниката една година не доставила задолжителни извештаи за смртноста, немале комисија за контрола на квалитетот предвидена како законска обврска и дека таму работеле експерти од странство кои немале лиценца во Македонија, како што морало.
Македонската јавност треба да ја знае вистината и да не ме обвинуваат дека сум против Кардиохирургија.
Не сум против Кардиохирургија, туку сум против криминалот што е направен во Кардиохирургија. Тројца од лекарите што се вклучени во операциите а тоа се Алексиќ, Чубрило, Лазовиќ, немаат лиценци.
Знаете ли што значи тоа? Moj, твој, донеси некој познат од Дедиње, а програмата е наменета за Швајцарци, Германци, за Италијанци. А овие ја пренасочиле програмата кон Дедиње. Како би постапиле вие? Што треба да и кажам јас на македонската јавност? Да го премолчам ова и да бидам сакан од одредени? Не, јас не сакам да сум сакан, јас сакам да сум праведен. Овде има пријава до Обвинителството и ќе инсистирам до крај да се оди со сите тие што се одговорни за ова злодело, рече Демири.
Тој зборуваше дека е разочаран што на оваа клиника не е создаден кадар од 2011 година наваму, иако за таа цел биле издвоени средства од буџетот.
Вам од Кардиохирургија, уште колку години ви требаат да научите да оперирате сами? – праша Демири