Оливера Ѓоргоска ви открива какви маски за лице може лесно да си направите

Нашата естрадна поп-ѕвезда Оливера Ѓоргоска, која подолг период живее и работи како професорка по музика во Лас Вегас, САД покрај тоа што е талентирана пејачка и одлично изгледа, што секако ѝ оди во прилог како јавна личност.

„Mалиte тајни“ за изгледот Оливера Ѓоргоска ќе ги сподели со вас. Како ја одржува кожата, нејзин рецепт за смути, со која динамика вежба, како спие подобро… И секако, неизбежна тема, каква е состојбата со коронавирусот во Лас Вегас, има ли изолација, полициски час, раздвижување на јавни места.

Како го почнуваш утрото кога е во прашање негата на кожата на лицето?

– Потребно е да се грижите за себе и да си посветите внимание на себе. Пред сè за мене  најважно е физичкото здравје, ако сте здрави однатре, тоа ќе се покаже и однадвор на важето лице и тело. Сè останато што користам е плус за да ја одржувам здравата кожа. Наутро, откако ќе ги измијам забите, го мијам лицето со млаз млака вода.

Не користам сапун или друг продукт за миење лице, затоа што претходната вечер ја подготвив кожата и ги ставив потребните серуми. Откако ќе го измијам лицето, прво ставам колаген серум, потоа ставам крем за под очи за да се намали и спречи појавата на брчки и потоа ставам хидратантен крем за да се нахрани кожата. Одозгора додавам уште еден слој крем за лице, што содржи СПФ 50. Не мора да е крем, може да е СПФ во форма на прав. „Тарте бренд“ има доста опции. Не заборавајте да ставите СПФ, затоа што со јакото сонце, дури и во зима тука, многу лесно можете да добиете пигментација на вашата кожа.

Твој рецепт за смути?

– Секое утро правам пијалак (смути) – блендирам банана, јагоди, капини или друго овошје што ги имате дома. Додавам едно авокадо, чиа семе, мојот колаген протеин од „Вајлд фудс“ (каде што сум застапник за овој 100% органски бренд) и блендирам со вода или пак со млеко од кокос или млеко од бадеми.  Со овој пијалак ги пијам моите секојдневни витамини. Две капсули од зелен чај, две од „Акаибери“, две од „Тумерик“, и 1000 грама витамин Ц. (Следете ме на Инстаграм olyveramusic и пишете ми и ќе ви кажам кои брендови ги користам точно за витамини и брендови за негување на кожата).

Оваа подготовка ми дава доволно енергија во денот. Особено во мојот случај, бидејќи предавам на поголеми групи деца, и нон-стоп сме во движење кога се спремаме за концерти и мјузикли. Немам време да готвам, но затоа имам подготвени оброци од компанија што доставува тука во Америка. Секој оброк е мерен и содржи протеин, јаглени хидрати и зеленчук. Јадам чисто, и еднаш во неделата си дозволувам да наречам нездрава храна, како пица на пример.

Со која динамика вежбаш за добра кондиција која пред сè се бара од тебе со оглед на ангажманите и секако за добро обликувано тело?

– Откако ќе се вратам дома, ако веќе е доцна, тогаш вежбам само половина до еден час дома или во теретаната во коплексот каде што живеам. Битно е да вежбате барем три до четири пати во неделата. Мене ми помага да спијам подобро.

За тебе е многу важна ноќната рутина?

– Откако ќе се истуширам, ја подготвувам кожата за следниот ден. Многу е битно да ја исчистите кожата од сите нечистотии од текот на денот.

Ако имам шминка, прво ја отстранувам со нежен тоник за лице за чистење на шминката. Потоа, користам крем-пилинг за лице. Масирајте ја кожата додека пилингот ја отстранува цела нечистотија од лицето. Во текот на неделата правам три до четири пилинзи, но останатите денови наместо пилинг, го мијам лицето само со крем за миење лице без малите зрнца во кремот. Измијте го лицето со млаз млака вода. Потоа го чистам лицето со тоник, кој има 2% салицилна киселина. И сега кожата е спремна и гладна за каков било серум и крем за лице. Јас навечер го користам серумот за пигментација на кожата и после тоа го ставам кремот за под очи што спречува брчки и на крај го додавам кремот за хидратација на кожата. Не заборавајте дека цела оваа рутина важи и за вратот исто така. Секогаш кога ставате креми на лицето, обавезно не заборавајте да ставите крем околу вашиот врат.

Твој рецепт за маска за лице?

– Еднаш или двапати неделно ставам маска за лице. Маските за лице ги чувам во фрижидер бидејќи кога се ладни помагаат за затегнување на кожата. Покрај брендираните маски што ги користам, омилена ми е и маската од јајце. Одвојте ја жолчката од белката, и ставете ја белката на лицето. Ќе видите како вашата кожа после оваа маска ќе се чувствува затегната.

Друг трик што сакам да го споделам со вас е, ако имате изразени подочници, само ставете лажица во замрзнувач и откако ќе се излади доволно, земете ја лажицата и масирајте под очите. Исто така водена ќесичка од црн чај помага за отечени подочници. Ставете ја ќесичката под очи и оставете ја да стои 10-15 минути. Чај од камилица ми е омилен. Баш ме смирува пред спиење. Се надевам дека овие трикови за здрава кожа ќе ви помогнат и на вас, како што ми помогнаа и на мене. Ако имате некакви прашања, слободно пишете ми на мојата инстаграм-страница olyveramusic.

Неизбежно прашање, а повторно во интерес на здравјето, каква е состојбата со коронавирусот во Лас Вегас, има ли полициски час, изолација?

– Во врска со коронавирусот, моментално во Лас Вегас сите сме во карантин. Сè е затворено, освен продавниците за храна, болниците, банките. Рестораните не работат на нивната локација, но можете да порачате онлајн, преку интернет, и доставуваат дома.

Моментално сè уште нема спроведено полициски час и сè е оставено на свеста на граѓаните. За жал многу од нив тука, сè уште се дружат во мали друштва, го користат слободното време да се посетат еден со друг, да се прошетаат до парк, а оваа неодговорност од нивна страна става многу луѓе во опасност. Без разлика дали си на отворено или во парк, овој вирус се шири преку воздухот. Многу од нас се жртвуваме и ги следиме правилата што државата ги спроведува за заштита од проширување на овој смртоносен вирус. И не е фер и хумано што доста граѓани не ја сфаќаат сериозноста на оваа епидемија.

Времето ќе покаже. За жал сè уште нема спроведено полициски час. Но Американската армија пристигна во Калифорнија пред два дена.

Мојот совет до сите мои убави Македонци е да се чуваат и да избегнуваат социјализирање. Како што викаат нашите постари генерации, „Подобро е да се спречи, отколку да се лечи“. Господ да е со сите нас. Се надевам дека овој ужас ќе помине наскоро. Ви праќам љубов од Лас Вегас. Од срце, Оливера!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот