
Околу 750 пациенти со тешки психички нарушувања се лекуваат во нехумани услови
Катастрофални услови за лекување и живот во психијатриските болници во Демир Хисар, Скопје и Негорци утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), по извршена проверка. Станува збор за околу 750 пациенти со тешки психички нарушувања, хронични болести и лица без социјална поддршка, кои, наместо во хумани услови, се лекуваат во средини што Комисијата ги оцени како деградирачки и дискриминаторски.
Препорачано
Во болницата во Демир Хисар пациентите се транспортираат со товарно комбе без кислород, клима и светло, како „пакети со стока“, бидејќи единственото санитетско возило е неисправно со месеци. Условите во установата се под секое достоинство: скршени тоалети, влага по ѕидовите, неподнослива миризба, ќебиња со децении старост и соби без врати. Ситуацијата е слична и во Скопје, каде повеќето од 328 пациенти се лекуваат без соодветни лекови, а осум лекари се над 64 години. Во Негорци, пак, објектот го чува персоналот затоа што нема обезбедување.
Според извештајот, во Демир Хисар работат 86 медицински сестри, но голем дел од нив се со несоодветно образование, гимназија, земјоделско или економско. Дополнително, нема ниту фризер, па пациентите сами се бричат и стрижат, бидејќи договорот со берберот не е продолжен уште од крајот на 2024 година.
Комисијата оцени дека станува збор за директна и продолжена дискриминација од страна на трите болници и Министерството за здравство, и даде серија рокови за надминување на состојбата. Од нив се бара за 90 дена да се обезбедат нови санитетски возила за психијатриските установи, за 180 дена да почне изградба на нови одделенија во Скопје и Демир Хисар. Министерството за финансии да даде согласност за нови вработувања во рок од шест месеци, а болниците да побараат нов инвентар и постелнина.
Доколку институциите не постапат, КСЗД најави дека ќе ги тужи Министерството за здравство, трите психијатриски болници и Министерството за финансии.