Избори Фото: МИА

Околу 4.000 граѓани направиле увид во Избирачкиот список

Подготовките за претседателските, но и за парламентарните избори се интензивни од страна на учесниците на изборите, но и од страна на Државната изборна комисија (ДИК). На 18 март завршува увидот во Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори, а тогаш завршува и рокот за гласање во дијаспората. Листите на кандидати за претседател, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

За МИА од ДИК информираат дека заклучно со 11 март, вкупно 3.994 лица направиле проверка во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии, шест лица барале промена на податоците, девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а пет бришење.

Проверката граѓаните ја прават и електронски преку веб-страницата на ДИК и исто така можат да поднесат и барања. Па, така до 11 март 21 лице поднело барање за промена на податоци по електронски пат, од кои три лица побарале бришење на податоците, а седум за запишување во Избирачкиот список.

Според информациите од апликација на Државната изборна комисија за регистрација на гласачи од дијаспора (sec.mk) утрово таа бројка изнесува 1.010 пријавени, од кои прифатени се 617, необработени 278 и одбиени 115.

Потребните потписи за претседател ги собраа актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија и Билјана Ванковска Цветковска од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот