
Одзвуци од „Струшките вечери на поезијата“: Поезијата е есперанто на човечката душа
Поетското читање „Мостови“ и врачувањето на наградитe „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“ на последната фестивалска вечер во Струга се традиција што беше задржана и на 63-тите „Струшки вечери на поезијата“.
Препорачано
Струшките вечери на поезијата, со повеќе од шестдецениското постоење и автентичност, го имаат приматот на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали.
Свеченото затворање на 63-тите „Струшки вечери на поезијата“, што се одржаа од 22 до 26 август, и годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата во Струга. Претседателката на Управниот одбор на „Струшки вечери на поезијата“, Елизабета Шелева, му го врачи „Златниот венец“ на лауреатот, францускиот поет Жан-Пјер Симеон.
– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и, пред сè, во името на сите поети кон оние што, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот – изјави лауреатот Жан-Пјер Симеон.
Глигор Стојковски ѝ ја врачи наградата „Браќа Миладиновци“ на поетесата Катица Ќулавкова, за поетската збирка „Небото ми е дом“. Наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска збирка годинава ја понесе поетесата Катрин Пиц од Германија, за збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, а наградата ѝ ја врачи директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски. Наградата „Млада Струга“ ѝ беше врачена на поетесата Филипа Сара Попова за збирката „Скршен терариум“, а наградата ѝ ја врачи поетот и претседател на жирито Славе Ѓорѓо Димоски.

Поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2024 година, француски поет Жан-Пјер Симеон, се одржа на 24 август во црквата „Света Софија“ во Охрид. Лауреатот во своето обраќање потенцираше дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.
– Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост. Секоја песна е потсетник на овој бескрај. Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено, над сите нив е песната, која секогаш и секаде го претставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. Поезијата е, очигледно, најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото, таа е есперанто на човечката душа – рече Жан-Пјер Симеон.
Со поединечни портрети во Струга беа претставени и добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова.

Добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, за најдобра поетска книга помеѓу две фестивалски изданија, академик Катица Ќулавкова, истакна дека книгата „Небото ми е дома“ е пишувана подолго време, но е свесно устроена како целина последниве три години.
За добитничката на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, за најдобра дебитантска поетска збирка, за германската поетеса Катрин Пиц, говореше професорот Владимир Мартиновски, кој истакна дека лириката на Пиц е суштински поврзана со поетското преиспитување на настаните од секојдневјето, на деновите во кои се случило нешто вредно за паметење.

За добитничката, пак, за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, „Млада Струга“, која ја доби Филипа Сара Попова, говореше македонската поетеса Виолета Танчева-Златева, која истакна дека Попова смело ги кажува работите со нивните вистински имиња и дека отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време.
– Во неа има ’жед за песна‘, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет – истакна Танчева-Златева.

Македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, а наградата ја доби за поетската збирка „На грбот на неповратот“.
Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата одбележаа 90 години од раѓањето на македонскиот книжевен великан, еден од најдаровитите македонски раскажувачи, академик Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањето на еден од највпечатливите македонски поети и доминантна личност во Македонистиката, академик Гане Тодоровски, и 95 години од раѓањето на вториот македонски лауреат, добитникот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, академик Матеја Матевски.
Воедно беше промовирано и изданието „Мостови на Струга“, збирка поезија од Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски во избор на професорката Кристина Николовска испечатена на Брајово писмо. По тој повод со помош на Брајово писмо, беше прочитана по една песна од тројцата македонски великани од страна на Аљдин Шерифи. Мотото на фестивалот беше „Допир на убавината“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 245, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.08-01.09.2024)