Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Одредена цената на влезниците за натпреварот на Македонија и Лихтенштајн во Скопје

Фудбалската федерација на Македонија денеска ги објави цените на влезниците за натпреварот против Лихтенштајн кој ќе се игра на 7 септември од 18:00 часот.

Од ФФМ информираат дека цените на билетите ќе се движат од 300 до 500 денари, во зависност од местото на седење. Така, билет за западната трибина ќе чини 300 денари, додека за северната и јужната трибина (блокови 1, 2, 5, 6, како и 13, 14, 18, 19, 20 и 24) цената ќе изнесува 400 денари. Влезниците од Прва категорија, кои се однесуваат на блокови 3 и 4 од јужната и 21 и 23 од северната трибина, ќе чинат 500 денари.

Покрај тоа, Федерацијата најави и бесплатен влез за младите категории на фудбалери. Тоа вклучува деца од Детската лига, фудбалските школи од регионалните лиги и младите категории како пионери, кадети и младинци од клубовите што се натпреваруваат во системот на ФФМ. Тие ќе бидат сместени на источната трибина.

На денешната седница беа донесени и одлуки како:

У.О. на ФФМ донесе одлука за назначување на Влатко Колев за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009). Влатко Колев е носител на тренерска Про лиценца со речиси две децении искуство во работата со младински категории во домашните клубови Вардар, Работнички и Металург. Два пати е прогласуван за тренер на годината во младински фудбал. Поранешен фудбалер од шампионските генерации на Вардар и Силекс, а настапуваше и за Македонија Ѓорче Петров. Во надежната репрезентација до 17 години доаѓа на местото на Драган Начевски кој својата тренерска кариера ја продолжи во кипарскиот фудбал.

– У.О. на ФФМ ја прифати оставката на Васко Скендеровски од функцијата селектор на македонската футсал репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на долгогодишниот предводник на футсал селекцијата за неговиот придонес и посветеност во развојот на македонскиот футсал. Газмент Исеини е назначен за нов селектор на футсал А македонската репрезентација. Исеини е тренер на актуелниот првак и Куп освојувач, Форца 2015, тим кој учествуваше во главната квалификациска рунда во Лигата на шампионите. Во изминатите години, беше дел од стручниот штаб во А футсал репрезентацијата.

– У.О. на ФФМ донесе одлука за распределба на дополнителни средства од солидарната шема на УЕФА за клубовите од Прва МФЛ за натпреварувачката сезона 2024/25. Средствата во висина од 101.000 евра ќе бидат распределени подеднакво на девет клубови од Прва МФЛ.

ФК Воска Спорт, ФК Гостивар и ФК Беса, клубови кои го откажаа учеството во лигата, нема да бидат вклучени во распределбата на средствата од солидарната шема на УЕФА.

– У.О. на ФФМ донесе одлука за поставување на два мини фудбалски терени (40×20) во Могила и Босилово. Со новите терени, донација од ФИФА, децата и младите фудбалери во населените места ќе добијат можност да тренираат и играат во современи услови, како и нивните врсници во поголемите градови.

– У.О. на ФФМ донесе одлука за раскинување на договорите за изградба и реконструкција на трибините на стадионите во Кичево и Охрид. Одлуката е донесена поради сериозни неправилности и непочитување на договорните обврски од страна на изведувачите. Исто така, Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за отпочнување постапка за избор на нов изведувач за изградба на трибината на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид и реконструкција на трибина на стадионот во Кичево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот