
Одложен е „Рекет“ поради нарушеното здравје на Јанева
Следното рочиште е закажано за в четврток.
Судењето за случајот „Рекет“ се одлага затоа што адвокатите на Катица Јанева го известиле Кривичниот суд дека користат мерки на Владата кои ги ослободуваат од работни обврски во време на пандемијата на „Ковид 19“.
Препорачано
Во поднесокот до судот адвокатите навеле дека нивниот клинет е во ризичната група граѓани, односно дека има хронично нарушена здравствена состојба. Судијката Васка Николовска – Масевска одлучи да го прифати барањето, а наредното рочиште го закажа за в четврток.
Случајот се наоѓа во доказна постапка со изведување докази предложени од одбраната, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело” и за „примање награда за противзаконито влијание”. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3 декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание”, по што беше осуден на три години затвор.