Фото: ЦУК/принтскрин

Одговорноста како „топка“ се префрла од еден на друг: За санирање на урнатиот потпорен ѕид на Белградска сите се ненадлежни

„Слободен печат“ пред една година пишуваше за голготата што ја минуваат две семејства на улица Белградска чии куќи страдаат од изворски води од Водно. И тогаш Општината и Град Скопје ја префрлаа надлежноста од еден на друг. Сега истото се случува и во случајот со урнатиот потпорен ѕид на оваа улица над Детската клиника.

И Град Скопје и Општина Центар се прогласија за ненадлежни за да го санираат урнатиот потпорен ѕид на улицата Белградска над Детската клиника, за што вчера информираше Центарот за управување на кризи.

За опасноста од уривање на ѕидот ЦУК алармираше уште пред една година и побара надлежните институции и Министерството за здравство да го санираат. Според директорот Стојанче Ангелов тогаш од граѓаните им стигнале пријави дека ѕидот е накривен и дека постои ризик да падне, по што ЦУК ги известил и Министерството и Град Скопје и Општина Центар да преземат мерки за заштита и санирање.

За жал ни една и пол година подоцна не е преземено ништо, состојбата со ѕидот е уште повеќе влошена, дел од ѕидот е срушен, а прашање на време е кога ќе се урне и останатиот дел од ѕидот, под кој се паркираат возила, а влегуваат и луѓе во болницата. Апелираме до Министерството, Град Скопје и Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност која што е комплексна затоа што под улица Белградска која го разграничува Клинички центар и куќите над него постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди, коишто се во многу лоша кондиција и не ја собираат подземната вода која доаѓа од падините на Водно. Поради тоа таа избива во самиот ѕид и дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот – посочи Ангелов.

Фото: ЦУК/принтскрин

Но и Општината и Градот сметаат дека санирањето на ѕидот не е во нивна надлежност. Вчера експресно се огласија од Град Скопје и се оградија од одговорноста тврдејќи дека немаат законска надлежност за постапување во овој случај и дека согласно законските и подзаконски акти за ѕидот е одговорно Министерството за здравство, а за улицата Општина Центар.

 Улицата Белградска е улица во надлежност и сопственост на Општина Центар, за истата донесена е одлука на Совет за одржување од страна на Град Скопје, кое во ниту еден случај не значи изградба на улица ниту друг вид градежни активности врз нејзини делови. Изградба на општински улици е во надлежност на општините додека на Градот Скопје се надлежност булеварите и сообраќајниците кои се опфатени во ГУП. Потпорниот ѕид кој е изграден со функција ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото – тврдат од градот.

ВИДЕО: Се сруши дел од потпорниот ѕид на Детската клиника

Општина Центар пак денеска ги демантираше наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид и на улица Белградска се во надлежност на општината, за што постојат законски акти и одлуки.

Со одлука на Совет и Договорот склучен меѓу Град Скопје и Општина Центар на 5.8.2019 година, градските властија преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар: Белградска, Востаничка, Св. Кирил и Методиј, Димитрие Чуповски, Лазар Личеновски, Македонија, Митрополит Теодосиј Гологанов, кеј Димитар Влахов, Пролет, Васил Ѓоргов и Самоилова. Во договорот децидно стои: „Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината – наведуваат од Центар.

Според градоначалникот Горан Герасимовски овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, дека безбедноста и функционалноста на Белградска не е надлежност на Општина Центар.

Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше, тврди Герасимовски.

Тој уште еднаш нагласува дека согласно Договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината, сите обврски за одржување на функционалноста на улица Белградска, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен.

Од Министерството за здравство пак тврдат дека потпорниот ѕид позади Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште, па затоа дека треба да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар, поради тоа што се работи за улица.

Изворски води прават „пустош“ во куќи над Државна болница, ниедна институција со „прст не мрда“ да го реши проблемот

„Слободен печат“ пред една година пишуваше за голготата што ја минуваат две семејства на улица Белградска чии куќи страдаат од изворски води од Водно. И тогаш Општината и Град Скопје ја префрлаа надлежноста од еден на друг.

На прашањето до Град Скопје дали имаат решение како да се пренасочат, односно како да се спречи водите директно да се излеваат во ѕидовите на куќите, дали ќе се гради потпорен ѕид, одливни канали или нешто друго, оттаму стигна одговор дека не се надлежни.

Градот Скопје за улицата Белградска има правна можност поради сопственичката надлежност на Општина Центар, единствено да врши реконструкција и одржување на нејзиниот коловоз. Според тоа, поврзаност со какви било инвестициски и градежни активности надлежност има Општина Центар – тврдеа лани од Град Скопје.

Од Општина Центар и тогаш и сега одговорот е ист.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот