
Од „модринки поради незнаење македонски јазик на мајката“, случајот со бебето од Детска клиника се префрли во фаза – „недоразбирање“
Откако лекарите од Детската клиника вчера на бурен состанок со директорот Реџеп Мемеди му најавија бојкот и рекоа дека нема да учествуваат во комисија за утврдување како настанале модринките кај тримесечното бебе што беше хоспитализирано таму, директорот комплетно ја негира првичната теза што ја нафрли семејството – дека врз бебето е вршено „физичко насилство“ од страна на медицинската сестра со 15-годишен стаж на Клиниката.
Препорачано
Мемеди вчера за „Слободен печат“ кажа дека „комисија ќе утврдува дали имало намера“ да се предизвикаат модринките што се појавиле на раката на бебето, но лекарите на стручен состанок го известија дека нивната работа не е да утврдуваат намери, туку прво семејството да поднесе пријава, па потоа да го повика Обвинителството и да ја води процедурата на ниво на истражни органи, бидејќи обвинувањата на семејството се исклучително сериозни – физичко насилство од медицинска сестра врз тримесечно бебе.
Без доктори што се нафатиле да бидат дел од комисија за утврдување намери, Мемеди за сајтот „Портал Икс“ синоќа изјави дека немало никаква намера да се повреди бебето. Случајот на таков начин се затвора и од обвинувања за физичко насилство, преминува во фаза – недоразбирање.
Семејството ја обвини сестрата дека намерно физички го повредувала бебето, затоа што неговата мајка не зборувала македонски јазик.
„Вистината е дека воопшто немало намера да се повреди бебето. Ова се случило во една процедура за земање крв за анализа. Обично работат две сестри. Едната ја фиксира раката за да се земе крв.
Можеби поради механичката фиксација со рака, се случило да се појави хематом на десната рака на бебето. Констатирав дека според сите информации и околности, извор на ова недоразбирање е вербалната комуникација која можеби не е како што треба.
Оваа комуникација подоцна отворила дилеми кај родителите на детето дека можеби овој пристап е со други мотиви“, рече директорот Мемеди за „Портал Икс“.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, како и политичката партија ДУИ, ја издигнаа оваа ситуација на високо ниво – едниот нарекувајќи ја „монструозна“, а другите без да ги имаат фактите во соопштение наведоа дека „скандалозното физичко насилство е од етнички причини“. Бебето, како што вчера ни потврдија тројца лекари од Детската клиника, имало наод за тромбоцитопенија, состојба од која се појавуваат модринки.