Судење за Онкологија случај Нино Васев - Фото Слободен пецат - Методи Здравев
Судење за Онкологија - Фото Слободен пецат - Методи Здравев

Васев свесно ги прекршувал меѓународните медицински стандарди и пациентите добивале штетни терапии, тврди Обвинителството

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен

Здравиот има многу желби, а болниот само една – да оздрави. Пациентите и нивните семејства имале доверба во обвинетите дека ќе добијат соодветна терапија, но таа доверба е изневерена, изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска на почетокот на судскиот процес за случајот „Онкологија“.

Таа најави дека ќе докаже дека поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, свесно ги прекршувал меѓународните медицински стандарди, со што предизвикал сериозно нарушување на здравјето кај пациентите. Според обвинението, терапиите биле препишувани без конзилијарни одлуки, со несоодветни дози и дури и кога не биле потребни, што ги правело неефективни и штетни.

Обвинителката нагласи дека во дел од случаите терапиите биле финализирани со злоупотреба на лозинка за пристап во системот, која обвинетата Мери Пешевска му ја дала на Васев.

„Онколошкото лекување бара исклучително внимание, бидејќи секоја грешка може да има фатални последици. Овде не се работи за изолирани пропусти, туку за образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите,“ рече Гоговска Јакимовска.

Васев пред судот: „Не се чувствувам виновен“

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен.

„Не, апсолутно не,“ одговори Васев на прашањето на Судот дали ги признава делата што му се ставаат на товар.

Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија рече дека против Васев се води „некој вид на заговор“ и дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија и Маја Радник, од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.

Како вербални докази, адвокатот на Васев рече дека, предлагаат сослушување на вештите лица од Словенија и Србија што го изработиле вештачењата за Обвинителството во предметот, со оглед на одлуката на Судот за одбивање на барањето за нивно одбивање како прибавени на незаконит начин.

„Имаме јасна цел да докажеме дека обвинетиот Никола Васев професионално и законито ја извршувал својата професија и работни задачи на Клиниката за онкологија. Преку сослушување на овие лица покажуваме јасна намера дека не ни е целта вознемирување на јавноста во нашата држава и на тој начин да ја градиме одбраната, туку сведоците да посочат за работењето на Клиниката, односно за постоењето и следењето на протоколи на Клиниката, како и на правилно извршување на задачите на обвинетиот“, изјави адвокатот на Васев.

Васев реагираше дека „се дозволило во постапката вешто лице што јас сум го сменил од директор на Клиниката кога сум станал директор 2017 година“.

„Зошто не се опфатени првите шест месеци од мојот мандат… многу едноставно зошто наследив долг од 1,7 милиони евра и на крајот од годината завршиме со долг од 30 илјади евра. Тоа лице што ги направило тие долгови и реверзи на лекови што ги наследив не може да биде вешто лице во мојот случај, а сум го сменил од директорско место за нестручно работење“, изјави Васев.

Васев, пред Судот, исто така посочи дека има 35 години рабоно искуство со 1 000 пациенти годишно, членство во сите европски институции за изработување на сите тие протоколи за кои ме обвинуваат, повеќе од десет авторски трудови со најголем импакт фактор, единствен од Македонија што има авторски труд во Ланест, баш за употреба на имунотерапија,

Во судницата присутни беа и останатите обвинети – Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите од Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Судијката Снежана Марковска ги одби приговорите на одбраната за вештачењата изработени во Словенија и Србија, оценувајќи дека доказите се прибавени на законит начин. Одбиено беше и барањето за спојување на постапката против Васев со онаа што се води против него и поранешниот економски директор Нехат Нухи.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска истакна дека се работи за две засебни обвиненија поради различна природа на делата и дека е поцелисходно тие да се водат одвоено.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле утврдени неподобни терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Дополнително, против Васев и Нухи е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот