
Обвинителството се жали на пресудата за сообраќајката кај „Сити мол“
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО), незадоволен од висината на изречената кривична санкција, денеска вложи жалба против првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за сообраќајната несреќа која се случи на 20.01.2021 година во близина на „Сити мол“.
Препорачано
За случајот пред неколку дена беше осуден дваесет и двегодишниот Јордан Ѓорѓиев, возачот кој во јануари годинава на раскрсницата кај „Сити мол“ ја прегази 24-годишната Викторија Николова од Радовиш, а повреден беше и нејзиниот партнер Леонид Даов. Тој призна вина за и пред судијката Љубинка Бошевска рече дека „многу се кае за стореното дело“.
„Со пресудата врз основа на признание на вина, на 11.04.2022 година, Основниот кривичен суд го огласи за виновен обвинетиот Ј.Ѓ. за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Притоа, Судот го осуди на казна затвор од три години, во која се засметува и времето поминато во притвор и му изрече казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од три години од денот на правосилност на пресудата“, информираат од ОЈО.
„При одредувањето на казната, Судот како олеснителни околности ги ценел признанието на вина од страна на обвинетиот, изразеното каење и свест за противправноста на стореното, како и фактот дека станува збор за млада личност која претходно не била во судир со законот. Сепак, надлежниот јавен обвинител цени дека во конкретниот предмет првостепениот суд во поголема мера ги ценел олеснителните околности, на сметка на отежителните – начинот на сторување на делото, зачестеноста на овој вид кривични дела и особено фактот дека во несреќата е изгубен млад човечки живот. Дополнително, јавниот обвинител наведува дека оштетените со ништо не придонеле за да се случи сообраќајната несреќа и прописно ја поминувале улицата на обележан пешачки премин“, велат од Обвинителството.
„Анализирајќи ја обжалената пресуда, сметам дека судот не ја одмерил адекватно казната, бидејќи ги применил одредбите за ублажување на казната, иако не постоеле законски услови за тоа“, наведува надлежниот обвинител во образложението на жалбата до Апелациониот суд во Скопје.
Јавниот обвинител смета дека со висината на изречената казна од првостепениот суд нема да се постигнат целите на казнувањето на планот на генералната и на специјалната превенција на овој вид кривични дела.
Исто така, во жалбата се наведува дека и висината на изречената споредна казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија исто така е незадоволителна. Имајќи ги предвид околностите под кои е сторено делото и тешките последици, таа забрана треба да трае пет години, колку што максимално дозволува материјалниот закон.