НВО до Владата: Коренот на високата корупција е во партиските пазари за функции

Владата да го напушти коалициското преговарање за професионалните позиции во јавниот сектор, повика деновиве Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, незадоволни што и натаму трае непопуларната практика коалициските партнери во власта да се пазарат со министерски и директорски места во институциите или со позиции во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија.

Тие ѝ се обратија на Владата со отворено писмо во кое јасно ја потсетија на ветувањето за професионализација на јавната администрација.

„Во врска со најавеното именување на раководители и заменици на повеќе јавни институции, установи и државни претпријатија, по новиот коалициски договор, Платформата на граѓански организации потсетува на програмската заложба на Владата за професионализација на јавната администрација. Ја потсетуваме Владата дека при именувањето на професионалното раководно ниво во јавниот сектор има должност да обезбеди конкурентна процедура, низ јавен оглас. За таа цел, Владата мора да го напушти коалициското преговарање за професионалните позиции во јавниот сектор“, пишува во писмото на граѓанските организации.

Граѓаните ги заслужуваат најквалификуваните кадри

На патот кон Европската Унија, потсетуваат тие во обраќањето, Владата има обврска пред граѓаните да ги избере најдобрите раководители за да овозможи институции кои ќе им обезбедат квалитетни услуги.

– Граѓаните ги заслужуваат најквалификуваните кадри – заклучува Платформата во која членуваат десетина влијателни организации, како Институт за човекови права, Мост, Хелсиншки комитет за човекови права, МЦМС, Социетас цивилис, Метаморфозис, Транспаренси интернешнл, Транспарентност Македонија, Фондација отворено општество, Евротинк и други.

Повикот до Владата е резултат на последната рунда пазарење со функции и директорски места откако во власта влезе Алијанса за Албанците, а излезе Алтернатива, па на сцена се именувања на нови директори. Последни такви вести се дека АА ги одредила кандидатите за нови директори на МЕПСО и на „Македонски пошти“, оти на таа партија ѝ припаднале тие две претпријатија во коалицискиот договор. Пратеникот Сурија Рашиди е предлогот за нов директор на МЕПСО на местото на Орхан Муртезани од Алтернатива, а Бујаре Абази за директорка на „Македонски пошти“. Абази, која во „Пошта“ доаѓа на местото на Васко Стефанов, претходно беше заменичка на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. На пратеничкото место на Рашиди во Собранието, пак, ќе дојде Ремзи Мехмеди од Кичево.

Поповиќ: Партиите ги гледаат институциите како сопственост

Експертите за антикорупција велат дека во Македонија има професионалци, но нивната стручност не е пресудна за да раководат со институција или државно претпријатие, туку партиската припадност. Политикологот Миша Поповиќ, претставник на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, вели дека кај партиите има голем недостиг на одговорност.

– Во општествово постојат квалитетни кадри, без разлика дали имаат партиска припадност или не. Проблемот е што нивната стручност не е пресудна за тие да раководат со овие институции, бидејќи партиите ја имаат ограничено таа можност и именуваат според придонесот и моќта на кандидатите во самите партии. На пример, влијанието што некое лице го има низ партиски ограноци или блискоста до лидерството испаѓа многу поважен критериум од стручноста. Причината е недостиг на одговорност, бидејќи кога партиите се на власт, институциите ги гледаат како свои, а не на граѓаните. Така, тие „стопанисуваат“ со институциите налик на повеќето транзициски компании кои пропаднаа – директори кои вработуваа пријатели, роднини, соседи и земјаци наместо низ примена на современи системи на вработување да ги најдат луѓето што знаат да работат и водат бизнис – вели Поповиќ за „Слободен печат“.

Фото: МИА

Ова не е непознато во светот и Македонија не е исклучок, додава тој, а секаде каде што постои, вклучително и кај нас, оневозможува институциите да работат квалитетно во полза на граѓаните.

– Наспроти ова, власта има законски можности уште денес да води процес во кој низ јавен оглас ќе повика повеќе кандидати за секоја позиција, ќе има конкуренција и ќе ги избере најдобрите од пријавените. За секоја позиција треба да дефинира критериуми како што тоа редовно се прави во приватниот сектор. Нема никакви законски ограничувања ова да се направи и овој период – вели Поповиќ.

И во партиите има поединци што сакаат поинаку

Според истражувањата што ги направиле разни членки на Платформата, за надминување на оваа состојба е потребно да се изменат повеќе закони и да се донесат нови. Донесени се измени на Законот за вработените во јавниот сектор, но потребно е да се донесе и закон за висока раководна служба, како и закон за утврдување на потеклото на имот. Законот за висока работна служба е подготвен од Владата уште во 2019 година, но не е усвоен, а за проверка на потеклото на имотот сè уште нема ниту работна верзија.

„Со Законот за висока раководна служба се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции“, соопшти тогаш Владата, според која Законот требаше да обезбеди добро управување во институциите што, пак, е клучно за враќање на довербата на граѓаните во државата и институциите.

Според тогашните објаснувања, досега кај нас не постои единствен закон во кој се уредени правилата за именување и назначување на високата раководна служба со одредби каква треба да биде постапката за отворен и фер натпревар и со пропишани критериуми за селекција и избор на најкомпетентниот кандидат за раководна позиција. Предвидено е селекцијата да ја води самостојна комисија, а квалификуваните кандидати за функциите ќе имаат јавно претставување кое ќе се емитува на Собранискиот канал. Постапката за избор на високи раководители е замислена во три задолжителни фази – селекција, тестирање и структурирано интервју. Но, ова законско решение остана во фиоките, а директорските места и натаму се делат со партиско договарање.

Познавачите се согласни дека клучно за ова навистина да се реализира е политичката волја, која во моментот ја нема, а надеж дека ќе се случи промена останува само во процесот на преговорите за членство во ЕУ, која во своите извештаи за напредокот на Македонија постојано го нагласува овој проблем како еден од клучните за постоењето на високата корупција.

– Мислам дека во секоја партија, па и во партиите на власт има реформатори кои сакаат да ги видат работите поинакви. Сметам дека граѓаните, новинарите и невладините организации може да дадат доволно простор и поддршка овие реформисти да се спротивстават и да ги почнат промените во рамките на своите партии, па и оние во коалицијата на власт. Тоа е притисокот што е потребен, и за да биде долговечен, треба да дојде од силите во нашата земја. Оние кои не се реформисти секако дека немаат политичка волја и гледаат повеќе корист во продолжување на лошата практика отколку во промените. За ваквите кочничари потребна е јасна осуда од страна на меѓународните пријатели, особено низ процесот на преговори со ЕУ – заклучува Поповиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот