
Новото издание на студентските средби „Скомрахи“ е инспирирано од Дионизиските церемонии
Студентските средби „Скомрахи“ на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја претстават од 1 до 5 ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур – кафе и филм“.
Препорачано
Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка…, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ. Програмата на 32-то издание на „Скомрахи“ вклучува и изложба за реупотреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно-изведувачки практики „Градот како сцена“, панел-дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Паралелно на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс, кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ, ќе учествуваат сите учесници на „Скомрахи“, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ – Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театарска педагогија на Академијата за уметност „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег-сцена.
Годинашните „Скомрахи“, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја, Дионизиите сѐ повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет.
Наспроти нив студентите на „Скомрахи“ повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво.
Скомрасите ги повикуваат сите да се вклучат во „Дионизија сега“, започнувајќи од 1-ви ноември во Драмскиот театар – Скопје, со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на ФДУ. Настаните на „Скомрахи“ се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на социјалните медиуми. Средбите годинава се поддржани од ФДУ при УКИМ, Министерството за култура на РСМ и „Јуроп хаус“.