
Ново издание на ЦККС: Женскиот субјект пишува преку телото
Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) ја објави книгата „Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ на д-р Марина Мијаковска. Во книгата дадена е нова перспектива во книжевно-теориското истражување на женското писмо и романот како книжевен жанр.
Препорачано
– Целта на книгата е да се разгледа пристапот на жените до романот. Тука за првпат се изделени модели на женско писмо во роман како посебни феминистички модели на текст. Темата се однесува на женското творештво. До 18 век женското творештво е покриено со плаштот на вековната тишина. Во 19 и 20 век можеме да говориме за појавата на првите романи на писателките. Во романот како жанр со слободни контури, писателките можат најлесно и најдобро да се изразат себеси и да ја прикажат стварноста. Зошто постои женското писмо? Женското писмо постои затоа што постои женската субјективност. Женскиот субјект пишува преку телото – смета Мијаковска.

Книгата се состои од теориски дел, интерпретативен дел и заклучок. Структурата на ова дело има форма на женско тело од шест главни органи: уводен теориски дел („нога“) „Женска телесна морфологија“, среден теориски дел („нога“) „Писмо на тишината“, главен теориски дел („труп“) „Женското писмо и романот“, прв апликативен дел („гради“) „Модели на женско писмо во роман 1“, втор апликативен дел („врат“) „Модели на женско писмо во роман 2“ и заклучок („глава“).
Клучната цел на оваа книга е да се докаже дека откриените три модели на женско писмо во роман се универзално применливи врз романи од светската и од националната книжевност.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 51, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 октомври 2020)