Фото: Pexels/ Marcus Aurelius

Ново истражување: Когнитивната функција на мозокот страда поради лоша орална хигиена

Уште од најмала возраст ни велат дека треба да ги миеме забите, за да не ги изгубиме како што старееме. Сега се чини дека не е во прашање само здравјето на нашите непца. И нашиот мозок може да страда од лоша орална хигиена, пишува „Саенс алерт“.

Во последната студија, тим од истражувачи во Јапонија ја открија поврзаноста помеѓу губењето на забите, заболувањето на непцата и намалувањето на дел од мозокот, наречен хипокампус, кој е вклучен во одржување на нашата меморија.

Шокантно, резултатите покажуваат дека во некои случаи можеби е подобро да се извадат заболените заби, наместо да се поправат, за да се зачуваат здравјето на непцата и на мозокот.

„Овие резултати истакнуваат дека зачувувањето на здравјето на забите, е многу поважно од задржувањето на забите кај човекот“, вели стоматологот Сатоши Јамагучи од Универзитетот Тохоку.

Ова се надоврзува на веќе постоечките истражувања за оралното здравје, во услови на зголемена свест за неговата поврзаност со когнитивната функција на мозокот.

Наодите од студијата на 172 испитаници, во текот на четири години, ја покажуваат поврзаноста помеѓу овие фактори. Ова може да влијае на идните критични одлуки на стоматолозите поврзани со нашето орално здравје.

На почетокот од истражувањето на учесниците, кои биле на возраст од 55 години или повозрасни, им биле спроведени тестови за меморија, а истражувачите собрале и податоци за општото здравје и медицинската историја на секој од учесниците, користејќи прашалници и медицински тестови.

Во истражувањето биле вклучени луѓе кои не појавиле проблеми со меморијата на почетокот. Со помош на магнетната резонанца, стоматологот Јамагучи и неговиот тим, го одредувале волуменот на хипокампусот на испитаниците на почетокот и четири години подоцна.

Бил евидентиран и бројот на забите кај секој учесник, а стоматолозите ја испитувале длабочината на пародонталната сонда, мерач на ткивото на непцата околу секој заб, што може да даде индикација за заболување на непцата.

„Губењето на забите и болеста на непцата, е воспаление на ткивото околу забите што може да предизвика собирање на непцата и олабавување на забите, а се многу чести. Па, обидот да се процени потенцијалната врска со губењето на момеријата е од особена важност“, објаснува Јамагучи.

Истражувачите откриле дека бројот на забите и степенот на заболување на непцата се поврзани со промените во левиот хипокампус на мозокот, односно со намалувањето на неговиот волумен.

„Наодите сугерираат дека задржувањето на забите со тешка болест на непцата е поврзано со атрофија на мозокот. Контролирањето на прогресијата на болеста на непцата, преку редовни стоматолошки посети навистина е од клучно значење“, додава Јамагучи

Студијата опфатила мал број на луѓе, сите од еден регион во Јапонија, што остава простор да се преземат поголеми истражувања, со поразновидна популација пред овие резултати да се генерализираат. Сепак, ова е потсетник за сите нас дека нашите здрави заби се исклучително важни и за одржувањето на нашето здравје на мозокот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот