
Новите календари на Скопскиот џез фестивал ќе бидат промовирани со матине и концерт на „Афро Гитано Трио“
Традиционално во јануари, Скопскиот џез фестивал ги претставува календарите за 2024 година со џез-матине. Промоцијата на календарите ќе се одржи на 19 јануари, од 13 часот, во „Макка бар“ во Скопје. Календарите содржат фотографии од 42. Скопски џез фестивал, овековечени низ објективот на брилијантниот словенечки фотограф Жига Коритник.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На промоцијата ќе се одржи и настап на гитаристот Тони Китановски со новиот проект „Афро Гитано Трио“ (Тони Китановски – гитара, Виктор Филиповски – тапани, Гоце Трпков – диџеј). Влезот на промоцијата на календарите и на концертот е слободен.
Новиот проект на Тони Китановски содржи елементи на електро-акустична, џез и импровизирана музика. Тематски е своевидна симбиоза на музиката на македонските Роми и големата музичка култура на Африка, особено оној дел кој поради преселбите или колективната музичка потсвест е најблиску до музиката на Балканот.
Гоце Трпков е електронски музичар, ди-џеј и продуцент кој снимените аудио материјали ги процесира на свој специфичен начин, креирајќи идеална подлога за тапаните на Виктор Филиповски и гитарската изведба на Тони Китановски, која е, главно, импровизирана.
Снимањето на овој нов авторски проект на Китановски се одвиваше на три континенти: во студија во Киншаса, Торонто, Кан, Виена, Скопје и Калабрија, а фестивалската премиера беше изведена во Копенхаген.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 214, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-21.01.2024)